Затворски полицајци му помогнале на осуден за убиство да избега


 

Затвореник бил во прватна болница на лекување, отишол во пушалната, полицајците кои го чувале се оддалечиле, тој излегол, влегол во автомобил и побегнал. Затвореникот бил осуден за убиство. Настанот се случил во октомври 2023.

Пет полицајци помогнати од колега овозможиле бегство на ова лице, покажала истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За шестемина полицајци се бара притвор оти можат да избегаат, да кријат траги или влијаат врз сведоци.

„Според дејствијата опишани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка, на 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петемина осомничени – затворски полицајци при КПД ‘Идризово’, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело ‘Убиство’ по чл.123 ст.1 од КЗ. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПД ‘Идризово’. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со приватно возило да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје“, стои во соопштението на ОЈО ГОКК.

Предистрагата се води за други 11 лица, дека го ослободувале осуденикот од болницата, а тој шетал и се враќал.

„Воедно, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад“, се додава во соопштението.

За овие 11 лица, се бара забрана за напуштање на живеалиште, привремено јавување на суд и одземање на патна исправа.