еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

За половина година склучени договори за јавни набавки со само една понуда вредни 283 милиони евра

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки, како и Индексот на рационалност, каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема ист производ или услуга, во случајов услуги за заловување и стручен третман на кучињата скитници.

Според ЦГК секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Со вакво отсуство на конкуренција, склучени се договори во вкупна вредност од 283 милиони евра.

Извештајот покажува дека се намалува просечниот број на понуди во јавните набавки, кој во мониторираниот период паднал на 2,8, наспроти 3, колку што изнесуваше во 2022 година. Отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во здравството.

Одлуките што се донесуваат при спроведувањето на јавните набавки не се соодветно и прецизно образложени што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста на постапувањата, стои во извештајот.

Ова главно се однесува на одлуките за отфрлање на доставените понуди и за поништување на тендерите.

Во значаен дел од постапките не се утврдуваат количините на она што се набавува, со што, се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ова овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите, стои во извештајот.

-Во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година склучени се договори во вкупна вредност од околу 11 милиони евра.

Дури 91% од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД Електрани.

Истражувањето на цените на тендерите за третман на кучиња покажува многу ниска конкуренција од само 1,5 понуда по тендер.

За некои услуги, како што е „еднодневен престој на куче во прифатилиште“ највисоката цена е 244 % повисока од просечната, а за друга услуга „заловување, транспорт до амбуланта и враќање“, највисоката цена е за 12,5 пати повисока од најниската цена, стои во извештајот.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Повлечена иницијативата за “оживување“ на помилувањата на Ѓорге Иванов

Редакција

Топ пет највисоки плати: Кои работници земаат двојно повеќе од просекот?

Редакција

Освен од бугарски пратеници, широка поддршка за Македонија во Европскиот парламент

Редакција