„Книгите го создаваат нашиот мултиверзум. Ќе ја опишуваат и сегашната потрага за вистината која ја живееме, нејзината еколошка криза, нашата рашомонска реалност. Тие се еден вид отелотворување на архетипот, носач на сето досегашно знаење, сведоштво за апсолутната стварност, онаа што ги содржи и апстрактните нешта во себе и нештата што ги замислуваме…“, вели, меѓу другото, во македонската порака по повод Светскиот ден на книгата, 23 Април, поетесата, пијанист и композитор Ива Дамјановски

 

„Книгите се покани за патување и за средба со ‘другиот’. Со секоја свртена нова страница, пред нашите очи се појавува друг свет. На Светскиот ден на книгата и авторското право во 2024 година, би сакале да ја потенцираме значајноста да ги прославуваме моќта и убавината на книгите. Тие, во сите свои форми, ни овозможуваат да учиме и да се информираме. Тие, исто така, нè забавуваат и ни помагаат да го разбереме светот, притоа нудејќи прозорец кон другоста“, посочи генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле, во својата порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, 23 Април, која беше прочитана во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ден претходно.

Таа додава и дека УНЕСКО ги поддржува издавачкиот сектор и моќта на читањето преку својата мрежа на светски престолнини на книгата, дизајнирана да го зајакне образованието за писменост и да ги промовира заштитата на авторските права и слободата на изразување.

„Стразбур, Франција, е назначен за Светска престолнина на книгата за 2024 година. Целта е книгите да станат претпочитан медиум и за комуникација на еколошките грижи на нашето време и за споделување на поврзаното научно знаење“, додава Азуле.

Македонската порака годинава доаѓа од поетесата, пијанист и композитор Ива Дамјановски. Таа во својата порака, меѓу другото, вели: „Книгите го создаваат нашиот мултиверзум. Ќе ја опишуваат и сегашната потрага за вистината која ја живееме, нејзината еколошка криза, нашата рашомонска реалност. Тие се еден вид отелотворување на архетипот, носач на сето досегашно знаење, сведоштво за апсолутната стварност, онаа што ги содржи и апстрактните нешта во себе и нештата штоги замислуваме…“. Таа посочува и дека јазикот ни помага во нашата мала победа против времето и дека скромната бесмртност на човештвото е запишана со зборови.

„Самата книга е комуникација со иднината, порака фрлена напред, за да ве запознае со некој што сѐ уште не постои. Книгата е нашиот ‘Војаџер“ испратен на временска одисеја и кој засекогаш патува кон новите. Вели: Ова сме ние. Ова се нашите приказни“, напиша, меѓу другото, Ива Дамјановски во својата порака.

Јовица Тасевски-Етернијан, поет и програмски директор на НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, пак, истакна: „Светот на книгите е свет на бескрајни можности, каде што се среќаваат познатото и непознатото. Книгите ни се посебно потребни денес, кога човештвото е блиску до уништување“.

Поетот и декан на Филолошкиот факултет, Владимир Мартиновски, посочи дека без читател, книгата нема вредност, како и дека во ерата на визуелни сензации на Интернет и дигиталната комуникација, само квалитетната литература ќе го задржи вниманието на читателот.

Во НУБ „Свети Климент Охридски“ се читаа и извадоци од романот „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, пак, вчера го честиташе Светскиот ден на книгата и авторското право, како ден кога ја славиме моќта на пишаниот збор, книгите и творештвото на авторите.

„Наша одговорност и голема чест е да продолжиме да ги негуваме вистинските литературни вредности, да им ја откриваме радоста на читањето на помладите, да ги промовираме книгите пред поширока публика и да го заштитуваме авторскиот труд“, изјави министерката за култура.

Таа додаде дека продолжува поддршката на авторите, кои со своите креативност и труд го обликуваат нашиот свет.

„И во ова време на дигитализација и брза размена на информации и содржини, книгата, како софистициран израз на човековата мисла, останува важен дел од нашата култура и секогаш ја има поддршката од Министерството за култура“, порача Костадиновска-Стојчевска.

На Светскиот ден на книгата и авторското право, светот посветува особено внимание и на заштитата на авторскиот труд и интелектуалната сопственост. Затоа, истакна министерката за култура: „Продолжуваме кон целосно имплементирање на европски закони и стандарди за да ја унапредиме заштитата на авторското право, прашање од големо значење за културниот развој на општеството, преку создавање нови, вредни дела“.

Инаку, на овој ден, 23 Април, започнувајќи од 1995 година, празникот се слави низ целиот свет и е тесно поврзан со големите книжевни великани Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир.

(„Денот на розите“) 23 април не случајно е избран уште во далечната 1923 година, во Шпанија. Продавачите на книги меѓусебно се договориле да му искажат почит на познатиот автор на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, кој починал токму на овој датум. Идејата поттикнала менување книги наместо рози, како што проповедала дотогашната традиција за празникот.

Во 1995 година, УНЕСКО решило да го официјализира датумот како Светски ден на книгите, поради каталонскиот фестивал во Шпанија, смртта на Мигел де Сервантес, но и смртта на Вилијам Шекспир, која се случила на тој датум. (Д.Т.)