По пауза од две години:Традиционалниот божиќен базар повторно во Прага

67

Илјадници луѓе се собраа денеска на средновековниот плоштад во Прага за палење на елка висока 25 метри и отворање на новогодишниот пазар, кој по две години повторно е отворен поради Ковид-19.

Поради енергетската криза на улиците има значително помалку светилки.

Градскиот советник Јан Чабр изјави дека оваа година новогодишното осветлување е поскромно поради енергетската криза, пренесе Ројтерс.

„Одлучивме да го намалиме бројот на светлосни украси на улиците и да користиме најмодерно LED осветлување, а тоа важи и за елката“, рече тој.

Пазарот е популарен кај туристите благодарение на варено вино, колбаси, слатки и подароци, а оваа година се користат повеќе енергетски ефикасни светилки за заштеда на пари.

Според Ројтерс, градот одлучил да ги вклучи светилките само од 16 часот до полноќ.

„Не сакаме да ги лишиме луѓето од празничната атмосфера на Божиќ и Нова Година, но свесни сме дека не треба да се троши енергија“, рече Чабр.