До ССМ не е стигнато барање од политичките партии за средба – работникот одлучува кој ќе ја води државата


Фото: Б. Грданоски

До Сојузот на синдикати на Македонија досега не е пристигнато барање за средба од страна на политичките партии кои во изминатите денови остваруваат средби со стопанските комори.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска во одговор на новинарско прашање рече дека добро би било да се чуе и гласот на работниците затоа што повеќе од 750 илјади вработени во земјава се оние кои ја носат одлуката кој ќе ја води државата во следните години.

– Добро ќе беше да ги слушнеа барањата на работниците. Нив не ги гласаат стопанските комори, не ги гласаат работодавачите и газдите, туку ги гласаат повеќе од 750 илјади вработени во Македонија. Да не го заборават тоа. Стопанските комори, работодавачите се некаде оолу 7.000. На крајот на денот, работниците носат одлука за тоа кој ќе ја води државата во наредниот период. Ако вие не се грижите за нив, ако немате идеја и замисла во кој правец ќе се движите за да овозможите достоинствени плати на работниците, пристојни услови за работа и здрави безбедни услови за работа, значи дека треба да размислите подобро. Упатувам апел до сите да сметаат дека работникот е иднината и дека работникот е пред сѐ, рече Трендафилов.