Можни ли се црни сценарија во вториот круг?

Првиот круг од изборите мина во, генерално, мирна и демократска атмосфера

1283

Можни ли се црни сценарија во вториот круг претседателски избори? Лидерот на опозицијата тврди дека СДСМ и ДУИ се подготвени на се за да ги задржат фотелјите и привилегиите и дека се спремаат две сценарија – тивкиот бојкот за претседателските избори кој го заговараат а вториот е бел лист на хартија од Ковачевски до Ахмети на кој, наводно, само треба да ги напише институциите и министерствата кои сака да ги добие. Мицкоски порача дека излезот од сето ова е масовна излезност на изборите, како и масовна и недвосмилена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ која е единствената сила за промени.

„Таа поддршка ни е потребна и за да нема уцени, ниту притисоци. Да имаме сила за промени, а таа сила можете само вие да ја дадете, народот на Македонија. Во првиот круг тука победата беше убедлива. 8079 гласа на 3900 за поранешнот претседател Пендаровски. Сега поддршката нека биде уште поголема за да може да жолтиот картон од првиот круг да биде црвен. Имаме незавршена работа, која ќе се финализира со огромна победа на 8 мај“, изјави Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, пак, Димитар Ковачевски смета дека ако некој бојкотирал низ целата историја на државата тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

– Ги читам соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на вториот круг на претседателските избори и зборуваат за некакви црни сценарија и за бојкот. Aко некој бојкотирал, тогаш тоа е ВМРО-ДПМНЕ – порача вчера од митингот во Гостивар претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и даде повеќе примери, за како што кажа, однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ низ историјата.

Евроамбасадорот Дејвид Гир не сакаше да коментира информациите во јавноста за наводно сценарио за бојкот во вториот круг, но се надева дека и вториот дел од кампањата и изборите ќе поминат во демократска и мирна атмосфера, како што ОБСЕ/ОДИХР го оцени првиот круг.

„Она што е важно е дека е во рацете на граѓаните да ја одлучат иднината на државата“, порача евроамбасадорот Дејвид Гир.

Мирен изборен ден, позитивна оценка за гласачкиот процес, негативна реторика и етнички поделби во финалниот дел од кампањата, Ова беа дел од оценките и заклучоците на набљудувачката мисија ОДИХР во прелиминарниот извештај за првиот круг од претседателските избори.

Измените на изборниот законик направени по распишување на изборите и во забрзана постапка придонесуваат за поткопување на правната сигурност, сметаат од мисијата. Иако овие законски промени вклучија некои од претходните препораки на ОДИХР и технички предлози од ДИК, тие во голема мера не ги зедоа предвид препораките дадени од меѓуагенциската работна група во ноември 2023 година, стои во прелиминарниот извештај.

Заклучуваат и дека парите од државниот колач за рекламирање се нерамномерно распределени кај кандидатите, но и дека отсуствува контролен механизам, особено кај онлајн медиумите. Истакнуваат и сомнежи дека дел од порталите биле создадени со единствена цел да добиваат државни средства за време на изборните кампањи и, во некои случаи, да ги канализираат овие средства кон политичките партии.