Доколклу има обилни врнежи од дожд, постои опасност Скопје да биде поплавено и да се предизвикаат сериозни материјални штети, пишува порталот СакамДаКажам.

Причина: Во ЈП „Водовод и канализација“ нема луѓе кои работат на терен.

Управниот одбор на претпријатието во јуни годинава не дозволи да се продолжи договорот за вработувања преку Агенција за привремени вработувања, па сега од раководството на „Водовод“ се жалат дека немаат доволно луѓе кои ќе ја одржуваат канализационата мрежа.

„Со голема загриженост ви укажуваме дека врнежите што се очекуваат на територијата на Град Скопје во есенскиов, па и зимскиот период, претставуваат вонреден товар врз и така недоволно екипираниот кадар во Сектор канализација.

За очекување е при секој следен обилен дожд, што редовно ги поплавува критичните точки на улиците во градот, да се предизвикаат големи материјални штети по инфраструктурата на градот. Секторски раководители секоідневно известуваат за проблемите со кои се соочуваме поради недостиг на техничко оперативен кадар“, се вели во писмото на Техничкиот совет на ЈП „Водовод и канализација“.

Во писмото стои дека се неопходни минимум 20 водоинсталатери за Сектор водовод, 20 водоинсталатери за Сектор канализација, 20-тина инкасатори во Сектор наплата, а недостасуваат минимум 20 професионални возачи, ракувачи со градежни машини и мајстори за одржуваа на возниот парк во Сектор механизација…