Кој е следниот странец што ќе дојде да ни каже: Сменете го Уставот, ама ништо не можам да ветам?

Македонија пак е омилена дестинација за дипломати и функционери од држави членки на ЕУ. Наеднаш се сетија на нас, интересни сме им, потребни…

Да се смени Уставот, не запирајте на патот кон членството во европското семејство… сето ова се пораки кои изминативе месец – два ги слуша македонската јавност. Ги изговараат странски функционери и дипломати кои со сите почести зачестено се дочекувани Македонија.

Македонската јавност е навикната на ова, го има видено ова и порано – кога се вршеше притисок државата да го смени името. Сега таргетот е Уставот – тој сакаат да го сменат.

Последен таков гостин ни беше германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Пораките му беа јасни.

– За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор. Северна Македонија се наоѓа пред важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области, истакна тој завчера.

А запрашан колку е реален планот на македонската Влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година тој одговори:

– Дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете, никој во моментов тоа не може да го каже, ниту политичарите од Македонија, ниту од Германија, ниту пак од ЕУ. Никој не може да вети, рече Штајнмајер.

Таква порака, дека треба да се смени Уставот, но и дека нема никакви гаранции дека и по направените уставни промени нема да се случат некои нови блокади неодамна ни ја кажа и европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во ЕП Ираче Гарсија Перез.

-Кога зборувате за уставните измени морам да бидам јасна, затоа што тоа е суверена одлука, избор за граѓаните и за Собранието на Северна Македонија. Сега не е време да се игра со партиски прашања. Сега е време да се сфати дека национален интерес е да се работи на ова и сигурна сум дека оваа одговорност ќе биде во рацете на различни актери што ги имаме во овој момент. Не може да се дадат гаранции за она што бугарската Влада ќе го стави на агендата, изјави во Скопје Гарсија – Перез.

Француската државна секретарка Лоранс Бун во Скопје ни порача дека „европскиот пат треба да го изоди до крај“. Дури и албанскиот премиер Еди Рама ни кажа дека „ниту едно малцинство не треба да биде надвор од Уставот и дека ќе биде фатално ако тоа не се направи“…

Кога ќе дојде нов странец во Македонија и ќе ни каже дека треба да го смениме уставот, а не може ништо да вети? Кому ќе му се падне таа тешка работа да прошета до Скопје? Да не почнат по неколкумина дневно да доаѓаат?

Претходна вестЕдна година затвор за вонбрачен секс во Индонезија
Следна вестУчениците почнаа да добиваат македонски јаболки од проектот „Здрава ужинка за секој ученик“