Ако не може во овој период, бараме писмена гаранција дека нашите барања ќе бидат исполнети по изборите – приватните специјализанти излегоа на штрајк

На прашањето дали е реално сега да се направи што било поради тоа што е предизборие и дали би се согласиле на тоа сите барања да им бидат исполнети по изборите, Илиоска-Чешлароска рече дека штрајкот ќе го прекинат ако добијат писмена гаранција и доколку одлуката помине на седница на Влада дека по 8 мај ќе им бидат остварени барањата

Д-р Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина / ФОТО: Принтскрин

Приватните специјализанти побараа од Министерството за здравство и од Владата да добијат писмена гаранција дека нивните барања за покачување на месечниот надоместок, плаќање здравствено осигурување и решавање на нивниот статус ќе бидат исполнети. Во спротивно тие најавуваат дека ќе го продолжат штрајкот што го започнаа денеска.

На штрајк се решиле затоа што Министерството за здравство, како што рекоа, нема слух за решавање на нивните проблеми. Приватните специјализанти велат дека по протестот на 27 март имале средба со министерот за здравство Илир Демири на која им било ветено дека барањата ќе им бидат изнесени на следната седница на Влада. Меѓутоа, како што велат тие, оттогаш до денеска поминале две седници на Влада и на ниту една од нив не биле претставени нивните барања и немаат никаков одговор.

„Добивме повик од претставник на Министерството дека денеска во 14 часот ќе се одржи средба во Владата, меѓутоа немаме информација кој сè ќе присуствува на неа и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Поради тоа, нашиот штрајк продолжува сè додека не добиеме писмена официјална изјава или гаранција дека нашите барања ќе бидат исполнети“,

рече д-р Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година, на денешниот штрајк во кругот на Клиничкиот центар.

Штрајкот, додаде таа, значи дека воопшто нема да ги извршуваме нашите работни обврски, нема да се појавуваме на дежурства, да држиме амбуланти, односно целосно бојкотирање на работниот процес.

„Самиот штрајк ќе трае додека не ни ги исполнат нашите барања“,

додаде таа.

На прашањето дали е реално сега да се направи што било поради тоа што е предизборие и дали би се согласиле на тоа сите барања да им бидат исполнети по изборите, Илиоска-Чешлароска рече дека штрајкот ќе го прекинат ако добијат писмена гаранција и доколку одлуката помине на седница на Влада дека по 8 мај ќе им бидат остварени барањата.

„Со оглед на тоа што ние не сме на колективен договор туку сме со договор на дело мислам дека има простор и може тоа да се реши. Исто така, може да се повикаат и на Антикорупциската комисија, па таа да излезе со став дали смее или не смее во овој момент. Ако од правна гледна точка не е изводливо, доколку ни дадат писмена гаранција и помине тоа на Влада за ние да знаеме дека по 8 мај ќе ни бидат остварени овие барања, тогаш ќе го прекинеме штрајкот. Но, доколку тоа не го добиеме, ние продолжуваме затоа што остваривме средби и добивме само празни ветувања“,

рече Илиоска-Чешлароска.

Според д-р Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија, прва година, разочарувачки е тоа што целиот труд што го имаат вложено за да станат доктори им е награден со деградирачки услови што не се соодветни за општеството.

„Дежураме по 24 часа, ги држиме и активно земаме учество во сите амбуланти, асистираме на операции, се случува да работиме многу долги часови и сето тоа е наградено само со многу ниска плата и немаме здравствено осигурување“,

рече Пејоска додавајќи дека доколку некој од нив се разболи принудени се лекувањето да го платат на приватно.

Приватните специјализанти обвинија и за дискредитација при остварување на правото на мајчинство, затоа што, како што рекоа, во текот на користење на породилно отсуство им се укинува тој месечен надоместок од 26 илјади денари.

„Специјализацијата оди во прекин и доколку сме на какво било друго боледување и автоматски се прекинуваат тие примања“,

рекоа приватните специјализанти.

На штрајкот, приватните специјализанти ги повторија нивните барања за покачување на надоместокот кој во моментов изнесува 26 илјади денари и бараат тој да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа. Исто така, бараат здравствено осигурување и решавање на нивниот статус кој во моментов, како што рекоа, е невработени лица без здравствено и пензиско осигурување со договор на дело.

- Реклама -