Шолц бара од сојузниците на НАТО да испорачаат шест системи „Patriot“

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази надеж дека членките на НАТО наскоро ќе ѝ испорачаат на Украина шест системи за противвоздушна одбрана „Patriot“ од американско производство.

„Се надеваме дека ќе се најдат уште шест во рамките на НАТО и јас исто така ја искористив можноста да го застапувам ова во многу дискусии овде“, рече Шолц во четвртокот на крајот од вториот ден од самитот на ЕУ во Брисел, додавајќи дека Германија веќе вети дека ќе испорача еден, објави Reuters.

Шолц рече и дека украинските челници побарале седум дополнителни системи за воздушна одбрана „Patriot“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира да побара дополнителна воена поддршка за битката против Русија на кризната средба со министрите за одбрана на Европската унија овој петок, пренесува DPA.

Зеленски на почетокот на април рече дека ќе бидат потребни 25 противвоздушни ракетни системи „Patriot“ за целосна заштита на украинскиот воздушен простор. Тој, сепак, рече дека дури и само седум дополнителни системи „Patriot“ ќе бидат доволни за одбрана на најважните цели од руски напади.

Не е познати колку точно од напредните американски противвоздушни системи досега ѝ се испорачани на Украина. Руското Министерство за одбрана тврди дека повеќето од досега испорачаните се уништени, додека Киев вели дека „Patriot“-ите успешни ги одбиваат руските воздушни напади.