Доктор, дипломат, инфлуенсер, со желба да биде и новинар- кој е Бујар Османи- кандидатот за претседател на ДУИ?!

Доктор, дипломат, инфлуенсер, со желба да биде и новинар- кој е Бујар Османи- кандидатот за претседател на ДУИ?!

-Ние излеговме победници во тоа што се случи, кажа Бујар Османи.

Единствен победник во македонскиот пораз со Бугарија. Хирургот кој се претвори во инфлуенсер и дипломат кој на крајот прифати бугарските уцени да станат европски услови за Македонија. Тоа е Бујар Османи, министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на Македонија од ДУИ. Човекот кој стави го прифати францускиот предлог со што Македонија целосно си го отежна патот кон Европската Унија. Момент што беше историски за Османи.

-За нас е историска можност после 17 години РС добива можност да ги почне преговорите со ЕУ со што почнува последната фаза за отпочнување на преговорите. Очекуваме поддршка од страна на Бугарија, сето тоа во интерес на граѓаните на Македонија и Бугарија. Ова е само еден нов почеток се надевам дека денес отвораме ново поглавје од обични граѓани до политичари со цел да се надминат сите пречки на патот, изјави Османи.

Иако речиси цело време тврди дека само уставните измени ни требале за да одиме кон ЕУ, понекогаш Османи знае и да се врати во реалноста и да каже дека и да ги ставиме Бугарите во Уставот, сепак ќе мораме да поработиме и на домашните задачи, односно внатрешните реформи.

-Комисијата проверува објективно дали ги исполнуваме критериумите, тие немаат политички мандат. И за тоа Комисијата вели политичките одлуки вие ги носите земјите членки, за мене е важно кој ги исполнува критериумите, бидејќи јас давам извештај, изјави Османи.

Иако шеф на македонската дипломатија, Османи често знае да се стави во улога на политичар од соседна земја, најчесто Косово. Па така од позиција министер за надворешни работи на Македонија, знае да бара решенија за спорот меѓу Приштина и Белград.

-Косово и Србија веднаш да ја реафирмираат посветеноста кон дијалогот, бидејќи дијалогот нема алтернатива, алтернативата на дијалотог е конфронтација со сите можни последици кои што може да ги донесе. А дијалогот значи посветување кон имплементација на договорот од Брисел и анексот од Охрид, изјави Османи.

Својата позиција Османи си ја користеше и да ги богати фирмите блиски до неговата ДУИ. Па така, Еуровија која е главен партиски донатор на Ахмети последиве години, доби 1,8 милиони евра за организација на самитот на ОБСЕ. Османи тука не виде никаков проблем, а за медиумите кои пишуваа за случајот кажа дека ја брукале државата.

Само да прекинеме со ова брукање на државата, ќе ни дојдат 70 министри, од државен секретар на САД преку сите министри. Градиме имиџ на државата кој што никогаш не го имала. И сега во овој лов на вештерки за кој што нема основа, едноставно е избрана компанија која што е четири пати поевтина, ги исполнува сите критериуми, законот вели не смеете да ја одбиете и веќе три дена конспирации се прават околу оваа тема, изјави Османи.

Покрај дипломатските задачи, Османи си имаше и други активности кои не се негова должност и тоа прекршувајќи ги законите, со тоа што зборуваше на телефон додека вози, за што и плати казна. Беше во контрола на институции кои немале двојазични табли.

-Ало добар ден, Бујар Османи е на телефон, како сте директоре? Да да да, јас во сабота се јавувам, меѓутоа сакав да те прашам, бидејќи сум тука пред институција, гледам ова таблава е еднојазична само, како ви е планот за менување, изјави Османи.

А очигледно си имаше и други активности, односно влезе и во улога на новинар, па почна да снима подкасти, како во студио, така и во автомобил.

И покрај сите професии кои ги има, Османи не можел да живее без плата, морал да се задолжува ако му доцни.

-Пријателите ми се смеат кога им кажувам дека ако еден месец не добијам плата, јас морам да се задолжам и ми велат нема шанси. Но еве го кажувам ова најискрено, еден месец ако не добијам плата јас морам да се задолжам, кажа Османи.

Османи сега под паролата европски претседател, бара поддршка од граѓаните да се всели во Вила Водно, а главниот проект му е борба против руските сили во државата.

Докторот Османи, веќе со години од додаѓањето од стартот на коалициониот брак на СДСМ и ДУИ, повеќе е во дипломатијата. Пред да биде министер, беше и вицепремиер за европски прашања, а во минатото беше прв човек и во Министерството за здравство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста