Што ѝ треба на Македонија 

 

Трифун Костовски

Почитувани пријатели и читатели,

Во предвечерјето на парламентарните и претседателски избори, сведоци сме на нечесни игри, практикувани од  политичките субјекти во Република Македонија.

Мудроста вели дека за остварување на поставените цели правилата за „фер плеј” не важат, напротив,  сѐ е дозволено или во духот на Макијавели ,,целта ги оправдува средствата”.

Токму во матрицата на императивот „сѐ е дозволено”  лежи клучното поимање на значењето и улогата на човекот како поединец, во креирањето на сопствениот и севкупниот општествен развој на заедницата во која што делува. Непобитен факт  е дека човекот, како единствено умно битие меѓу повеќето од десетици  милијарди живи битија од флората и фауната населени на Земјината топка,  успеал да се одвои и да направи систем  за  опстојување и развој. Во севкупниот цивилизациски развој на човекот, хуманоста е една од врвните атрибути на човечкиот род, најбитниот елемент на човековото битисување.

Со жалење констатирам, дека токму во периодов на предизборие,  вокабуларот на политичките партии и поединци, кои што  треба да ја водат државата во сите сфери на нејзиното живеење, е сведен на  животински инстинкт и грабливост,  да се победи по секоја цена. Моралот, етичките норми и  хуманоста се  ставени настрана. Најостро се противам на таква крвожедна, животинската борба за победа,  која комплетно ги игнорира цивилизациските вредности на човекот и човештвото.

Човечките доблести се идентификуваат преку неговото морално однесување,  етичките принципи и хуманоста. За жал, синонимите на таков авангарден човечки цивилизациски развој во нашето предизборие се длабоко закопани.

Сакам јавноста да знае каква кампања  би водел доколку би се кандидирал за било која државна функција.

Не сум синоним на човек од кој секој поединец треба да учи. Напротив, јас  сум обичен човек и и се радувам што во себе имам вградено доблесни особини, како  емпатија и љубов. Омразата и суетата, како најнегативните човечки особини запишани уште во библијата, според мене се најчестите причини за морална деградација.

Очекувам на изборите да се појават доблесни луѓе, кои со своето искуство и знаење ќе ни отворат една нова димензија по која ќе се движиме, без да се навредуваат или омаловажуваат политичките противници. Делата направени за доброто на општеството, од сите политички субјекти, треба да бидат повод и причина кому да ја  дадеме нашата граѓанска доверба. Време е цивилизациски да пораснеме, не само во очите на нашите најблиски и пријатели, туку и во очите на непријатели по идеологија и разбирање. Почитта кон секој поединец, учесник во претстојните избори, мора да биде практикувана од сите учесници на овој изборен циклус. Ако не се почитуваме себе си и нашите противници, немаме право да градиме општество за сите. Зборот „сите” е фундаменталниот спој на  политички субјекти кој треба да е  обединувачки. Не смееме да дозволиме ткивото на Република Македонија го раскинеме по етничка и верска припадност. Довербата треба да ја заслужат тие кои навистина вредат, имаат јасна мисла и знаење како да ја внесат нашата држава во рангот на високо цивилизираните држави.

Почитувани, за многумина од вас мојот начин на разбирањето на нештата  е неприфатлив и тоа е ваш избор. Но треба  да разбереме дека силно општество се гради со силни идеи и проекти,  со силни луѓе кои замислените проекти ќе ги престорат во дела.

Јавно апелирам,  довербата да ја дадеме на луѓе кои знаат и разбираат, луѓе кои што се посветени и работат за колективно добро, а  хуманоста им ја краси душата.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close