Ученичката компанија од Прилеп патува на натпревар во Италија

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2023/2024 година организиран од „Џуниор ачивмент – Македонија е „Чоко пробио“ од средното училиште СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп. Оваа ученичка компанија со својот производ чоколада со пробиотик ја импресионира комисијата. Нивната идеја се состои од производство и продажба на пробиотски чоколади произведени по оригинална и едноставна рецептура користејќи природни состојки, како какао, путер и природни засладувачи, кои не само што не му штетат на нашето тело туку влијаат поволно на нашето здравје. Сето тоа е дополнето со пробиотик и витамин Ц.
Второто место му припадна на „Тинтелект“ од средното училиште СЕТУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, чија бизнис-идеја нуди трансформативен образовен систем во кој учениците си помагаат едни со други преку размена на знаење, поттикнувајќи заедница на заеднички раст и можности. Третото место го освои ученичката компанија „Иновејт ит“ од средното училиште СЕТУГС „Михајло Пупин“ од Скопје, која работи на решавање на проблемот на милиони патници низ светот со лесната и едноставна употреба на нивниот производ – „Иноклин“.
Дел од програмата беа 116 средношколци од 21 училиште од 12 града од земјава, водени од 25 наставници. Финалниот дел на натпреварувачите им донесе можност за прва награда и учество на Европскиот натпревар на најдобри ученички компании во Катанија, Италија, пред повеќе од 800 директни учесници.