Осигурување на автомобили, во вторник ќе се донесе одлука дали на граѓаните кои платиле повеќе ќе им бидат вратени парите

Осигурителните компании во вторник ќе одлучат дали ќе им вратат пари на оние кои платиле 15% повеќе за полисите за осигурување на автомобилот за неделата во која важеше покачувањето. Според проценките, од 400.000 автомобили чија моќност надминува 44 киловати, во просек неделно се регистрираат по 10.000 автомобили, што значи дека толку луѓе платиле од 840 до 1600 денари повеќе за полиси за автоодговорност.

Откако Агенцијата за супервизија на осигурувањето ја зголеми цената за 15% на 25 април, на 2 мај, Владата ја смени таксата и ги врати старите цени, но граѓаните кои веќе платиле се препуштени на волјата на осигурителните компании да одлучат што ќе прават следно .

„Се додека е поништена одлука, логично во тoa меѓувреме мора да се најде соодветно решение за да се обесштетат граѓаните или институциите. Мора да има јасна дефиниција која мерка е на сила и тоа, за жал, е и доказ за неорганизираноста на државата“.

„Многу често имаме забрзани одлуки, без јасни прогнози. На оваа тема многупати сме ги предупредиле надлежните“, изјави Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори.