По судска пресуда, затворена најстарата руска организација за човекови права, „Хелсиншка групација“

Руски суд пресуди да се затвори најстарата руска организација за човекови права, московската „Хелсиншка групација“, во време кога се задушуваат сите критики кон Кремљ, јавува „Euronews“.

Невладината организација била основана во 1976 од страна на советските дисиденти, а работела на постојано известување за прекршувањето на човековите права во Русија.

Според известувањата, судијата одлуката ја донел за 20 минути, односно пресудил во корист на Министерството за правда кое барало затворање на организацијата. Московската „Хелсиншка групација“ е една од последните независни организации за човекови права во Русија.

Министерството ја обвинило организацијата дека ја прекршува законската регистрација во Москва преку работење на случаи за прекршување на човековите права надвор од рускиот главен град.

Според организацијата обвиненијата се апсурдни, а оттаму додаваат и дека судската пресуда е сериозен удар за човековите права, не само во Русија, туку и во светот.

По руската инвазија на Украина пред скоро две години, Кремљ е обвинет за задушување на групите за човекови права, независните медиуми и опозициските активисти кои даваат отпор на одлуките на власта.