ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: САМОЗАШТИТА

357

Мудро ќе постапиме ако внимателно ги изразуваме своите емоции пред јавноста и притоа да се преиспитаме на какви лица им дозволуваме да навлезат во нашиот интимен простор. Многумина се разочарале откако сфатиле дека биле искористени и излажани од поединци кои својата негативност и манипулативност ја маскирале со извештачена насмевка и лажна добродушност.

Во денешно време, кога профитот и себичните интереси се ставени пред верноста на должноста, одговорноста и хуманоста и кога крутиот ум го доминира срцето, неопходно е сè во животот да биде преиспитано. Философски гледано: секое добро, за да биде определено како добро, мора да биде преиспитано и јасно согледано. Прво, од аспект, дали зад некое т.н. добро може да се крие одредено зло и второ, да не се дозволи, поради претпоставката дека се работи за зло, да се пропушти воздигнувањето на врвното добро! Оваа асоцијација најдобро може да  ја согледаме преку неукоста и чинот на гласање на дел од еврејскиот народ, кои на Пасха, наместо спасителот Исус Христос, се одлучија од распнување да го спасат разбојникот Варава. Тука ќе го наведеме и примерот со можеби најголемата актерка во историјата на филмската уметност, Мерил Стрип. На почетокот на својата кариера, таа се соочила со голема непријатност да не биде ангажирана од режисерите и продуцентите, зашто според нивното мислење „не била доволно привлечна“. Како што самата пишува: На аудицијата за филмот „Кинг Конг“ ми рекоа дека сум премногу „грда“ за улогата. Ова беше клучен момент за мене. Ова мислење можеше да ги уништи соништата. Длабоко вдишав и си реков: Многу ми е жал што мислите дека сум грда за вашиот филм, но тоа е само едно мислење во морето на илјада различни“. Што се случи понатаму со кариерата на Мерил Стрип? Водена од огромниот талент, од работливоста и од високото ниво на самопочит и самодоверба, таа „грда“ актерка, успеа да создаде животна приказна за три „Оскари“ и 18   номинации.

Овие примери зборуваат за искушенијата на животот и подучуваат дека со константна зависност од туѓите ставови и проценки, ќе се загубиме по патот на духовната и креативна посветеност. Но, ако ја негуваме својата животна визија и целосно и се препуштиме на својата животна мисија, ќе создадеме највисоки дела, кои ќе претставуваат моќен светилник, за сите оние кои умеат да ги препознаат вистинските вредности на постоењето. Затоа, не треба да се откажеме од своите цели само затоа што одредени негативци и заблудени личности не умеат да проникнат во тоа што е духовно убаво, светлосно и хармонично.

Самодовербата, позитивниот пристап и инвестирањето во личниот развој максимално ги зголемуваат шансите за напредување и постигнување успех во животот. Кога знаеме колку вредиме и непоколебливо се движиме кон тоа што го сакаме, тогаш колку и да е тешко, на крајот ќе успееме. Осознавањето и дистанцирањето од негативните лица и ситуации се клучни за реализација на целите.

Откога ќе се заштитиме од многу нешта кои можат да ни напакостат, тогаш нужно ќе итаме со многу поголема храброст, самопочит и иницијативност кон убавините на животот. Мудро ќе постапиме ако ја сочуваме својата енергија и ако престанеме емоционално да се трошиме за сите оние поединци кои не го заслужуваат нашето внимание.

Скептицизмот е еден вид на мудрост, која има за цел човекот да го заштити од разни проблеми на живеењето (здравствен, финансиски, емоционален, егзистенцијален итн). Овој философски правец укажува дека прво е сомневањето, а потоа прифаќањето.

Првата мисла е од каде, како и зошто можат да се пројават опасностите, ризиците и негативните вибрации. Фокусот кон позитивното е основен за доживување на доброто, а игнорирањето на негативното е знак дека се ближиме кон лошото. Доминантната присутност на лаги, интриги, себичност, алчност, манипулации, неверства, сурова експлоатација на туѓиот труд, обезвреднувањето на етиката и подложноста на разни стресогени фактори и болести предизвикаа современиот човек да живее во голема психофизичка несигурност и глобална нестабилност.

Капиталистичкиот начин на живеење, виден од аспект на економска, здравствена, емоционална и егзистенцијална гледна точка, воопшто не е сигурен, зашто го наметна начелото: „Ако немаш пари, ништо немаш и ништо не вредиш“. Тоа предизвикува современиот човек да живее напнато, небезбедно и со страв да гледа на перспективите на животот. Интересот за општо добро е сведен на миниум, бидејќи разните моќници, наместо да придонесат за колективниот напредок, целосно се ориентирани кон егоизмот и кон потребата да зграбат што повеќе материјални добра. На обичниот мал човек, му останува опцијата добро да се организира и да најде начин со дистанцирање од злото и негативните вибрации да создаде мир и хармонија во својата непосредна околина. Поентата е дека животот станува сè потежок и понеизвесен, зашто катадневно се зголемува јазот помеѓу малцинството супербогати и огромното мнозинство сиромашни, кои не знаат како да се снајдат со искушенијата и ударите на судбината. Можеби затоа, луѓето почнаа сè повеќе да се отуѓуваат едни од други и да создаваат психофизички бариери во социјалните контакти. Некои тоа го прават, бидејќи своевремено наивно поверувале во добродетелта на другите и се отвориле за соработка. Но, откако длабоко се опекле, почнале да дуваат и на ладното, стравувајќи дека истото би можело повторно да им се случи.

Отуѓувањето е на сцена, осаменоста е сè позастапена, а стравот од болести, сиромаштијата и здодевноста максимално надвиснати. Пандемијата предизвика негативните вибрации интензивно да се зголемуваат предизвикувајќи разни стресови, невротични манифестации, нетрпеливост и критичко опсервирање на нештата.

Борбата на доброто против злото е во ек, така што е неопходно да се биде духовно буден и ментално свесен за заканите кои се наталожени врз човештвото. Агендата на негативците е да креираат страв, зависност, стрес, економско ропство и манипулации. Задача на позитивците е да не дозволат злото да победи и да создаде нов светски поредок во кој „избраните“ ќе уживаат, а „обичните“ ќе страдаат. Со определбата кон моралот, вистината, добродетелта, самосвеста, здравјето и позитивните аспекти на постоењето придонесуваме доброто да напредува а болеста во која е западнато човештвото да се намалува. Теоретичарите на заговор сметаат дека ништо не е случајно и дека сè е однапред осмислено со цел да се намали бројот на жители на Земјата. Овие размисли колку и да се плод на фантазии и непотврдени докази, не смеат да се исклучат зашто отсекогаш постоеле поединци и групации кои посакувале да наметнат глобална моќ, да загосподарат и да ги контролираат светските случувања.

За да не се соочуваме со негативни животни искуства, неопходно е да го вклучиме рациото и да сфатиме дека за жал, и злото постои и доколку не сме внимателни, многу лесно може да ни се наметне и изманипулира. Затоа, неопходно е да преиспитаме со кого си имаме работа, односно дали нештата кои нè опкружуваат се опфатени од негативитет; дали се на границата помеѓу доброто и злото; или будат позитивна стимулација. За да се осознаат сите овие нешта, потребна е голема мудрост, која воопшто не е лесно да се постигне, бидејќи треба многу работа на себе и способност за учење од многуте животни лекции. Како и да е, сите ние (позитивно определените поединци) мора да тргнеме кон себезаштитата, бидејќи најчесто ќе нема кој да нè заштити. Повеќето од луѓето се оставени сами на себе и ако со позитивниот дух, афирмативната визуализација, разумот и интуиција не се заштитат, тогаш илузорно е да очекуваат дека некој друг ќе може да ги заштити.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)