Бев носител во изборната единица 1 за парламентарните избори во 2016 година и ветингот, со мирна душа можам да кажам, беше моја погрешна проценка, иако во тоа време не бев премиер, туку само пратеник, изјави Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и коалицијата, во вечерашното интервју на ТВ Телма.
„Ние, и јас како носител во единицата, заговаравме дека мора да има ветинг. Таа политичка гарнитура доаѓа на власт, од Брисел велат „немојте, има негативни искуства во Албанија. И ние, односно тие што беа главни во владата, рекоа во ред. Сега мислам дека треба да се согласиме околу ова. Третина судии и обвинители и 10 посто од политичарите да го поминат тестот, подобро е отколку да имаме ваква ситуација во која Европската комисија во последниот извештај кажува дека немаме напредок. Значи се е подобро од ова што го имаме од последната година, две“, изјави Пендаровски.
Во Албанија, посочи тој, постојат и меѓународни членови на бордот кој го спроведува ветингот.
„Без меѓународни експерти на тој борд или како ќе го наречеме, комисија за ветинг, нема да имаме успех“, смета актуелниот претседател кој се кандидира за нов мандат.