Филаделфија е во плејофот, Мајами ќе има уште една шанса

Филаделфија успеа да излезе како победник од плејин-пресметката со Мајами, откако со триумф од минимални 105-104 „сиксерси“ го зазедоа местото на седми носител во плејофот од Источната конференција што им носи пресметки со Њујорк никс на стартот од доигрувањето.

Мајами има за што да жали ако се знае дека тимот од Флорида имаше предност од 14 поени, што сепак не успеа да ја сочува. Ветеранот Батум беше неочекуваниот херој на Филаделфија со 20 поени, но и клучна блокада при обидот на Хироу за тројка на 26 секунди до крајот. Покрај Батум, стандардно добар беше и Џоел Ембид со дабл-дабл од 23 поени и 15 скокови.

Мајами ќе има уште една шанса да влезе во плејофот и да се избори за местото број осум, во дуелот со Чикаго откако булси рано утрово ја декласираа Атланта со 131-116. Чикаго почна доминантно добивајќи ја првата четвртина со 40-22, но Атланта возврати со атомски напад во вториот период постигнувајќи 45 поени (33-45). Сепак, „јастребите“ немаа сила да продолжат во ист стил и во второто полувреме, а Чикаго го искористи тоа за повторно да се одлепи и рутински да го приведе мечот до крај.

Вајт беше незапирлив постигнувајќи 42 поени за победничкиот тим, Вучевиќ оствари дабл-дабл од 24 поени и 12 скокови, додека прв стрелец на Атланта во убедливиот пораз од последниот овосезонски меч за „јастребите“ беше Мареј со 30 поени.

Се вчитува...