Како се заобиколува законот за урбано зеленило
Кога сателитите што ги користи Гугл следниот пат ќе ја фотографираат скопската населба Мичурин, на снимките ќе има десетина дрвја помалку од она што се гледа сега. На нивното место ќе се види голема дупка или можеби бетонски темели. Но, барем, поради таа причина, во касата на Град Скопје ќе има 1 800 евра повеќе, пишува „Призма“ во најновата анализа.
Минатиот месец беше урната една од последните три стари двокатни згради во Мичурин, изградени за работниците во некогашната фабрика за преработка на зеленчук што функционирала таму. Како и во претходните дваесетина случаи, таа ќе биде заменета со висококатница, што ќе биде барем двојно поширока во основата. Во такви услови, едноставно нема место за двор околу зградата, во кој би останале дрвјата што растеле таму со децении.
„Овие дрвја не беа важни само поради носталгичните сеќавања на некои стари скопјани или поради желбата на активистите за похуман урбан развој да се задржи што повеќе зеленило во градот. Нивниот опстанок е, односно требаше да биде гарантиран со Законот за урбано зеленило што во 2018 година го изгласа македонското Собрание. Сепак, како и во други претходни случаи, на инвеститорот му беше поисплатливо да ги исече и да ја плати максималната казна за тоа, отколку да загуби градежен простор поради нив“,
пишува „Призма“.
Во законот стои дека дрвјата, без разлика дали се на државно или на приватно земјиште, не смее да се сечат без одобрение од стручни лица од Град Скопје, и дека сечењето се дозволува ако дрвото е старо, болно, нестабилно, оштетено од невреме, има ризик да предизвика штета врз околниот простор и слично. Сечењето здрави и стабилни стебла се казнува парично.
Вкупно 13 казни изрекле градските инспектори за недозволено сечење дрвја во изминативе три години. Пет од нив, во висина од 800 до 1 800 евра, биле против градежни фирми, две против јавни институции, а другите шест против граѓани, кои биле казнувани со по 50 евра за отстранети здрави стебла од своите дворови.
Казната од 1 800 евра, пишува понатаму „Призма“, еден инвеститор ќе ја покрие од продажбата на еден до еден и пол квадратен метар станбен простор, според сегашните цени. Од друга страна, ако треба да го испочитува законот, тоа би го чинело многу повеќе. На пример, ако треба да остави едно дрво и поради тоа да отстапи три-четири квадрати од максималните димензии што му се дозволени, би загубил станбен простор вреден триесетина илјади евра, бидејќи нема да се повлече само во приземјето, туку и на секој кат нагоре. Ако парцелата има пет-шест или повеќе дрвја, пак, загубите би се мереле во стотици илјади евра.
Целата анализа можете да ја прочитате ТУКА.