ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде на пензионерите 5.000 денари само првата година. За понатаму не знаат

Клучното прашање кое го поставуваат економистите е каде ќе се најдат 340 милиони евра за ваквиот план. ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе го укине сегашното усогласување


Битката за пензионерите е една од поважните во годинашнава кампања (Фото: Б. Грданоски)

 

За да го исполни изборното ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја укине сегашната методологија пензиите да се усогласуваат со стапката на инфлација и порастот на просечната плата. Ова го изјави во понеделникот вечерта Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ во дебатна емисија на ТВ24. Таа рече дека зголемувањето делумно ќе се спроведе во текот на оваа година, додека целосно до март наредната година.

Од ВМРО-ДПМНЕ не прецизираат што понатаму, односно доколку формираат влада, на каков начин ќе се усогласуваат пензиите во наредите години, дали линеарно или пак ќе се продолжи со сегашниот начин, во зависност од порастот на трошоците на живот и зголемувањето на просечната плата.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, деновиве во подкастот „Каде се парите“ изјави дека тоа што го ветиле ќе го спроведат. Ова ветување, како што нагласи, е резултат на анализи, а не на политичка манипулација.

Во јуни влада, во јули ребаланс на Буџетот, а во септември законски измени за пензиите, се плановите на Христијан Мицкоски

„Нашиот план е некаде во втората половина на јуни да формираме влада, во втората половина на јули да има ребаланс на буџетот и веќе од септември да почне реализацијата на ова ветување. Со тоа што тие 5.000 денари би се заокоружиле во март 2025 година“, рече Мицкоски.

Една од главните дилеми е што после првата година. Дали и на каков начин ќе има натамошно усогласување на пензиите. За ова во ВМРО-ДПМНЕ засега не се целосно прецизни.

„Ние кажавме во првата година 5.000 денари зголемување, не кажавме за понатаму, да бидеме фокусирани на првата година“, рече Димитриеска-Кочоска. „Значи, ние сега велиме – даваме 5.000 денари, го тргаме другиот механизам на пресметка веднаш штом ќе ја преземеме власта, треба да ги смениме законите. Очекувам дека сѐ ќе заврши во најдобар можен рок и во август – септември веднаш ќе почнеме со покачувањето“, додаде таа.

Пензионерите и пензиите се најдоа во фокусот на изборната кампања и се сметаат за еден од големите адути на ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот пристап за линеарна корекција кореспондира и со барањата на дел од здруженијата на пензионерите, но отвори и дебата меѓу економистите колку ваквиот пристап е издржан, имајќи предвид дека висината на пензиите е резултат на она што вработените го издвојувале од своите месечни примања, иако во првиот пензиски столб, односно Фондот за пензиско осигурување, е присутна и солидарната компонента.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сакаат да ја исправат неправдата, особено кон оние со пониски пензии.

Колку навистина е дарежлива понудата на ВМРО-ДПМНЕ за пензионерите: Гордана Димитриеска-Кочоска

„Колку беа украдени пензионерите во годините кога се менуваше методологијата? Некој направи пресметка да види?“, прашува Димитиеска-Кочоска, посочувајќи дека има пензионери кои што живеат со 13 илјади денари или помалку.

„Треба ли да ги оставиме да умрат? За нас 5.000 денари е праведно решение за да може да ја исправиме неправдата која што е направена кон нив“, вели таа.

Што е подобро: линеарно зголемување или постојното усогласување?

Сепак, од партијата не негираат дека пензиите и без оваа мерка ќе продолжат да растат, токму поради постојната методологија. Доколку се намали инфлацијата, што го посакуваат сите, како компонента ќе остане растот на просечната плата, која, тоа го потенцираат и од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продложи да расте, ако ништо друго поради тоа што на пазарот на трудот има сѐ помала понуда на работници.

Инаку, последното усогласување на пензиите според постојната методологија се примени на мартовските пензии кои се зголемија за 5,3 проценти. Според оваа методологија пензионерите со најниски пензии од 12.528 денари добија зголемување од 664 денари, оние со пензии до 16.058 денари 851 денар, пензиите до 20.175 денари се зголемија за 1.069 денари, тие над 31.859 за 1.688 денари, 2.893 денари се зголемија пензиите за оние чии пензии се над 54.588 (такви примаат 2.688 лица) додека 19 пензионери со највисоката пензија од 76.035 денари, усогласувањето им донесе 4.029 денари.

На куси патеки, очигледно, линеарното зголемување од 5.000 денари е во предност над сегашната методологија. Проблемот е ако се застане на тоа. Во таков случај, ако се направи симулација според сегашната методологија ќе се дојде до интересни резултати.

Според она што може да се заклучи од изјавите на првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, сптемвриските пензии линеарно би се зголемиле за 2.500 денари, што значи дека пензионерите тоа би го почувствувале во окотмври, кога ќе легнат парите на сметките. Или, до крајот на годината би добиле вкупно 7.500 денари, а од јануари до март, уште толку. Потоа би следувало уште  едно покачување од 2.500 денари.  

Од друга страна, според сегашната методологија не може прецизно да се каже колку би изнесувале редовните усогласувања во септември и во март, бидејќи тоа ќе зависи од висината на инфлацијата и од растот на просечната плата. Сепак, ако претпоставиме дека тој износ би бил отприлика како оној последниот од март годинава (5,3 отсто), тогаш математиката е следна: 

Оние кои во март годинава добија покачување од 664 денари, во септември би добиле уште 699, а во март идната година уште 736 денари.

Пензионерите со пензии од 16.058 денари до март годинава во септември би добиле 896 денари, и во март идната година плус 943 денари.

Потоа, во наредните категории зголемувањата би биле 1.154 и 1.215 денари (во септември), 1.777 и 1.872 денари во март идната година).

На последните две групи пензионери со највисоки пензии (кои се и најмалку на број), повеќе им одговара сегашниот модел на усогласување бидејќи според сегашната практика, тие во септември би добиле 3.046 односно 4.243 денари, а во март идната година уште по 3.207, односно 4.468 денари.

Секако, математиката од ваквата симулација би важела само доколку процентот на идните усогласувања биде 5,3 отсто, што ќе зависи од инфлацијата и висината на просечната плата. 

Предноста на моделот на ВМРО-ДПМНЕ за оние со ниски пензии е очигледна, но  таа би можела делумно да се стопи со текот на времето доколку после зголемувањето во март идната година се крене рампата. Постојната методологија овозможува предвидливост, но и вградување на секое наредно зголемување кое ќе служи потоа како основа за следните покачувања на пензиите. А, тоа би било веќе во септември идната година. Оние со највисоки пензии (кои што во текот на работниот век и издвојувале најмногу во фондот за ПИОМ) очигледно би биле во загуба со моделот на линеарно зголемување.

ВМРО-ДПМНЕ се прилично нејасни во поглед на натамошниот начин на усогласување на пензиите. Во нивната изборна програма „Платформа 1198“ за пензиите се вели дека ќе ги зголемат за 5.000 денари во првата година од мандатот, како и дека начинот на пресметка на зголемувањето на пензиите во последните години доведе до зголемување на финансискиот јаз помеѓу пензионерите, со што драстично се зголеми бројот на пензионери чии примања не ги задоволуваат основните животни потреби.

Во однос на минималната пензија, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваа дека наместо досегашното решение на девет групи на минимални пензии ќе воведат еден единствен износ на минимална пензија.

„Со зголемувањето од 5.000 денари овие пензии значајно ќе се придвижат кон моменталната просечната исплатена пензија во Македонија. Ќе креираме политики за континуирано подобрување на финансиската состојба на сите пензионери“, се вели во програмата.

Во неа се предвидува и да се овозможи докуп на стаж на оние лица на кои им недостасуваат до 24 месеци пензиски стаж, и така да остварат право на старосна пензија согласно со условот од минимум 15 години пензиско осигурување.  Исто така, за пензионерите кои биле во редовен работен однос до највисоко дозволената возрасна граница за работа, законски ќе се овозможи да учествуваат на пазарот на труд без откажување на правото на пензија, со што, како што се посочува, би се помогнало да се намали недостатокот на квалификувана работна сила и значително би се зголемил стандардот на оваа категорија граѓани. Оваа мерка ќе биде применлива само за оние работни места за кои работодавачите ќе докажат дека не можат да најдат лице кое е невработено.

СДСМ им ветува на пензионерите по 6.000 денари за секоја Нова година

СДСМ, пак, во нивната програма „За европска иднина“, ветуваат дека мандатот во 2028 година ќе го завршат со „заштитено достоинство на пензионерите, затоа што просечната пензија ќе достигне 30.000 денари, а минималната 20.000 денари“. Исто така, најавија и новогодишна честитка за сите пензиоенри од 100 евра.

„Ние веруваме во солидарноста, веруваме дека државата треба да им помогне на оние што имаат помали примања, па и помали пензии. Затоа секоја година од четиригодишниот мандат на Владата, СДСМ ќе обезбеди новогодишен финансиски пакет од 6.000 денари за сите пензионери“, стои во програмата.

Во неа, исто така, се посочува дека методологијата што ја вовеле за пресметка на висината на пензиите претставува цврста основа за постојан раст на пензиите во наредните четири години.

„Во нашата социјалдемократска визија на постојаниот раст на пензиите гледаме како на еден од основните столбови на социјалната правда во државата. Затоа и Владата предводена од СДСМ успеа последната година од својот мандат да ја заврши со просечна пензија од 20.195 денари. Ова не е резултат на игра на случајот, туку продукт на системско решение, преку кое на дело покажавме како се води грижа највозрасните членови на нашето општество да имаат спокојни и стабилни пензионерски денови“, се вели во програмата на СДСМ.

И СДСМ има ветувања за пензионерите. Просечна пензија од 30.000 денари, минимална 20.000 денари, плус за секоја Нова година по 6.000 денари: Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

Една од главните дилеми во јавноста е од каде пари за зголемувањето на пензиите што го вети ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека за околу 330 илјади пензионери во земјава само за зголемувањето годишно ќе бидат потребни над 320 милиони евра.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека со оглед дека мерката би стартувала годинава во септември, до крајот на 2024 година за оваа намена ќе бидат потребни околу 40 милиони евра или околу 2,4 милијарди денари, а потоа од март 2025 година кога целиот процес ќе се затвори бројката е околу 21 милијарда денари (или 341 милион евра).

Од каде пари за зголемувањата?

Мицкоски дел од парите што треба да се обезбедат ги гледа во ставката други трансфери во Буџетот, кои за неколку години се зголемиле за 400 милиони евра.

„Сигурно ќе си го поставите прашањето што прават овие со 400 милиони евра. Јас ќе ви го дадам одговорот: Ништо. Ги злоупотребуваат. Да бидам до крај брутално искрен – се крадат. Ние немаме намера со тоа да се занимаваме. Тие пари ќе одат за пензионерите“, вели Мицкоски. Од тука ќе бидат обезбедемни дел од средствата што се потребни за пензионерите и се разбира од страна на другите политики кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ“, додаде тој.

Истата математика ја презентира и Димитриеска-Кочоска, која појасни дека дел од парите ќе се обезбедат и со борба против сдивата економија, која според Светска банка е 33,4 проценти, а според ММФ 35 проценти од БДП.

„Последниот податок за домашниот бруто-производ е 15,9 милијарди евра. Може да се пресмета колку е 34 отсто плус зафаќање од сивата зона. Секако, нема да стигнеме до нула сива економија. Но, ќе ја намалиме. Ако стигнеме до 20 проценти сива економија ние ќе обезбедиме дополнителни 742 милиони евра за една година“, вели таа.

Димитриеска-Кочоска вели дека најбитниот момент се другите или разни трансфери во Буџетот кои во 2014 година биле 27 милијарди (денари) од кои 16 милијарди биле за општините, а 11 биле во останато.

„Во 2016 година 28 милијарди и повторно 11 милијарди за останато, и 16 милијарди за општините. А, во 2023 година имаше 53 милијарди денари, од кои 26 милијарди за општините, и исто толку за останато. Еве само тука има заштеда за пензиите“, вели таа.

За разлика од партиските математики, независните економски институти се скептични за ваквите најави. Во последната анализа на институтот за економски политики Фајнанс тинк за партиските изборни програми, за ветувањата за пензиите се вели дека може да ја нарушат стабилноста на ПИОМ.

„Програмата на СДСМ предвидува раст на просечната пензија до 30.000 денари до 2028 година, а на минималната пензија до 20.000 денари. Во однос на моменталната просечна пензија, предвидениот раст изнесува 50 отсто, односно 11 отсто просечен годишен раст. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува по 5.000 денари за секој пензионер најдоцна до крајот од првата година, односно раст на пензиите во првата година од 25 отсто. Фајнанс тинк останува на ставот искажан во повеќе наврати дека раст на пензиите кој отстапува од формулата за нивно усогласување со растот на просечната плата и растот на цените, ќе ја наруши патеката на стабилизација на Фондот за ПИОМ, којшто помина низ блага реформа во 2018 која ја овозможи таа стабилизација“, се вели во анализата.