Сојузот на еколошките организации на Србија (СЕОС) денеска во 15 часот пред Владата на Србија во Белград организира собир на граѓани на годишнината од протестот против најавената експлоатација на литиум и отворање на рудникот на меѓународната компанија „Рио Тинто“ во долината на Јадар кај Лозница.
Во поканата за собирот, СЕОС наведува дека поради последните изјави на претставниците на власта и компанијата „Рио Сава“, ќерката на компанијата „Рио Тинто“, смета дека „народот е измамен и изигран со лажно ставање крај на проектот Јадар“.
Еколошките протести почнаа кон средината на ноември 2021 година во Белград, а повод беше донесувањето на Законот за експропријација и Законот за референдум и народна иницијатива, како и најавеното доаѓање на компанијата „Рио Тинто“ и експлоатација на литиум.
Активистите тогаш оценија дека овие закони се поврзани со проектот „Јадар“ на оваа меѓународната компанија, поради што на 27 ноември организираа блокада на повеќе патишта низ Србија, од кои најголемата беше на автопатот низ Белград, на мостот Газела.
Граѓаните и активистите, предводени од еден од основачите на Еколошкото востание, Александар Јовановиќ Ќута, и Саво Манојловиќ, директор на кампањата на движењето „Тргни-промени“, се судрија со бројните полициски кордони, кои успеаја да ги пробијат и да го запрат сообраќајот.
Полицијата првично се обиде да ги спречи граѓаните, на социјалните мрежи кружеа видеа на кои полицаец влече жена од автопат и ја префрла преку заштитната ограда, но ситуацијата се смири кога поголемиот дел од толпата успеа да излезе на автопатот, по што полицијата престана да реагира.
Сообраќајните блокади продолжија секоја сабота низ Србија, по што српскиот претседател Александар Вучиќ, го врати Законот за експропријација во Собранието на повторно разгледување и предложи измени во Законот за референдум, со оценка дека на овој начин ги исполнил барањата на протестот.
Премиерката Ана Брнабиќ на 20 јануари изјави дека Владата ја поништила уредбата за Просторниот план на областа за специјална намена за реализација на проектот за експлоатација и преработка на рудата јадарит, како и дека сите управни акти поврзани со компанијата „Рио Тинто“ и нејзината ќерка фирма „Рио Сава“ се поништени.
Поништени се сите одлуки, сите дозволи, а никогаш не сме имале договори… Ова е крај на проектот Јадар и Рио Тинто, изјави тогаш премиерката, по седницата на Владата на Србија.
Тие потези на државата доведоа до прекин на блокадите на патиштата, а активистите извесно време продолжија со помали протести, како и кампување пред зградата на претседателството во Белград.
Активистите продолжија да ја предупредуваат јавноста, наведувајќи дека проектот „Јадар“ на компанијата „Рио Тинто“ не е завршен и дека во околината на Лозница се уште се вршат истраги и откуп на земјиште.
Вучиќ оттогаш во неколку наврати изјави дека „жали“ што дозволил тој проект да биде прекинат, додека поранешната министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ и сегашната Дубравка Ѓедовиќ продолжија да велат дека „литиумот е иднината и дека треба да се гледа како Србија може да го искористи“.
Движењето „Тргни-промени“ до Собранието на Србија поднесе народна иницијатива за забрана на ископ на литиум и бор во Србија со над 30.000 потписи, а на почетокот на неделава поднесоа и жалба до Уставниот суд бидејќи е пробиен законскиот рок за изјаснување по оваа иницијатива.