Финска ја продолжи одлуката за затворање на граничните премини со Русија

by Fokus

Финското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека границата на земјата со Русија ќе биде затворена до дополнително известување.

„Не видовме ништо што би нè навело да заклучиме дека ситуацијата е променета. Освен тоа, пролетта ќе обезбеди шанса да се изврши поголем притисок врз Финска. Има стотици, а можеби и илјадници луѓе во близина на финската граница на руска страна кои може да се инструментализира против Финска“, рече финската министерка Мари Рантанен.

Одлуката за затворање на границата вклучува и гранични премини во три пристаништа за мали чамци, кои ќе бидат затворени од средината на април, пренесува финскиот јавен сервис YLE.

„Со затворање на граничните премини за поморски сообраќај, владата се подготвува за можноста инструменталната миграција да се прошири и во поморскиот сообраќај како што напредува пролетта“, се вели во соопштението.

Се додава дека тоа би било опасно за луѓето кои се обидуваат да влезат во Финска и би ги оптоварувало поморските операции за пребарување и спасување.

Финска ја затвори својата источна граница во декември минатата година, кога тамошните власти ја обвинија Русија дека го организира протокот на баратели на азил од трети земји преку границата како средство за хибридно влијание.

На почетокот на годината одлуката за затворање беше продолжена до 14 април.

YLE пишува дека финската влада планира наскоро да побара од парламентот да воведе построг закон за границата, кој ќе им овозможи на мигрантите за кои се смета дека немаат основа да бараат азил веднаш да бидат вратени во Русија.

Предлог-законот беше критикуван за кршење на меѓународните договори за границата.

Поврзани новости