Гвардиола: Никогаш не сум се плашел од Реал Мадрид!

Пеп Гвардиола е подготвен за нова епска пресметка со Реал Мадрид, вечерашниот дуел на „Етихад“ во Манчестер меѓу Сити и „кралевите“ што ќе го даде патникот во полуфиналето од Лигата на Шампионите.

Првиот меч во Мадрид донесе бројни возбудувања завршувајќи без победник, 3-3, а Гвардиола е свесен дека неговиот тим ќе мора да одигра уште подобро на домашен терен ако сака да направи чекор напред кон одбрана на европската круна.

„За мене е секогаш посебно кога ќе се сретнам со Реал Мадрид. Не се плашам од Реал, имам толку многу дуели со овој клуб, секогаш сум го почитувал, но никогаш не сум му се плашел. Знаеме што е потребно, ќе дадеме се од себе за да победиме. Имаше некои работи кои не ги правевме најдобро на „Бернабеу“, работевме на нивно отстранување, мораме да бидеме уште подобри за да славиме“, изјави Гвардиола.

Тој ја прокоментира и трката за титулата во Премиер-лигата, каде Сити се врати на врвот по неделните порази на домашен терен на Ливерпул и на Арсенал.

„Кога бевме со два бода заостанување, реков дека ништо не е готово. Сега кога имаме два бода предност, повторно ќе кажам – ништо не е готово, има уште многу да се игра. Секогаш ќе се најдат суперкомпјутери кои ќе го прогнозираат шампионот, но истиот тој компјутер не може да игра како десен бек“, прокоментира трофејниот стратег.

Се вчитува...