Јувентус прв финалист во Купот на Италија

Фудбалерите на Јувентус се првите финалисти на овосезонското издание на Купот на Италија. Се пласираа во финалето и покрај поразот од Лацио со 1:2 (0:1) во Рим во реваншот од полуфиналето, бидејќи победија 2:0 на првиот натпревар пред 20 дена дома.

Лацио, предводен од хрватскиот стручњак Игор Тудор, успеа да ја анулира негативата од првиот меч со двата гола на Каселанос во 12. и 49. минута, но кон крајот на натпреварот, во 83. минута, Аркадиуш Милик постигна гол вреден пласман во финалето за Јувентус.

За Јувентус ова е 22-ро финале на Купот, а досега 14 пати го подигнаа победничкиот пехар што е рекорд и во ова натпреварување.

Во финалето кое ќе се игра на 15-ти мај во Рим, ривалот на Јувентус ќе биде подобар од соочувањето меѓу Аталанта и Фиорентина, кои реваншот ќе го одиграат в среда во Бергамо. Фиорентина на таа пресметка доаѓа со водство од 1:0 од првиот натпревар.