Илустрација: „Нова Македонија“

Принципот на еднаквост, дека гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето во вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии, поттикнува многу земји да прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Малото учество на изборите на македонската дијаспора (со оглед на бројноста на дијаспората) доволно говори дека Македонија не е од тие земји што го сфатиле тој демократски принцип и не направила доволно да ги мотивира иселениците и соодветно да го олесни процесот на гласање во дијаспората. И покрај другите можности за гласање, кои ги нуди современата комуникациска технологија, а сѐ повеќе ги прифаќаат некои држави, иселениците од Македонија главно можат да гласаат само во дипломатско-конзуларните претставништва, кои најчесто се наоѓаат на стотици или илјадници километри оддалеченост од гласачите

Дали државата ѝ овозможува достапни начини на дијаспората како да ги искаже својот глас/став/мислење? Нашата дијаспора воопшто не е малобројна, а токму бројноста на дијаспората и нејзиното коректно инкорпорирање во процесите на непосредната демократија (избори, референдуми) го подигаат скалилото на делегираниот легитимитет на избраните носители на јавната власт (а и на која било друга одлука што треба да се донесе и е ставена на тест на највисоките институти на непосредното практикување на демократијата – изборите или формите на плебисцитарно одлучување). Затоа, „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе се потруди да ги детектира слабостите во односот на државата кон иселениците, што се одразува на ефектот од нивниот придонес во внатрешните демократски процеси и да изнајде решение на кој начин да се надмине таквата нелогичност, што ќе и овозможи на дијаспората непречено, реално и активно, со сиот свој потенцијал, да учествува во давањето што повисок легитимитет на избраните носители
на јавната власт

Покрај сите политички прашања и (не)извесности што се поставуваат меѓу два изборни круга на претседателските избори во Македонија и пред парламентарните избори, се чини дека повторно малку внимание кај политичките чинители предизвикува гласањето кај иселениците. Некако без поголеми реакции во земјава помина ситуацијата дека во овој изборен циклус за парламентарните избори, кој ќе се одржи на 8 мај, македонската дијаспора „не успеа да се квалификува“ за учество. Односно бројот на заинтересирани кај иселениците да го дадат својот глас на изборите во Македонија, не го достигна „цензусот“ на пратеникот избран со најмал број гласови (околу 5.000 гласа), предвиден со Изборниот законик.
– Со оглед на тоа што за учество на парламентарни избори во иселеништвото е потребен цензус, а до последен момент не се знаеше дали ќе имаме можност да гласаме со пасошите што се важечки, но не се со новото име на државата, а со цел да не пропадне можноста за глас на овие избори доколку не се постигне потребниот цензус, мнозинството одлучи да не се пријави за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва. Односно, голем број од иселениците одлучија да го остварат своето право на глас во Македонија, каде што со сигурност ќе придонесат во крајниот резултат. Другите што немаат можност да отпатуваат за Македонија се пријавија за да учествуваат на претседателските избори, за кои не е потребен цензус. Пријавени беа 2.571 државјанин, од кои 2.569 го искористија своето право на глас – вели Ана Дукоска, активистка на македонската дијаспора во САД, Вашингтон.

Чија е „вината“ за недоволното учество на дијаспората на избори во Македонија: На матичната држава или на иселениците?

Генералниот впечаток од искуствата од неколку претходни изборни циклуси (всушност сите од независноста), како и на актуелниве избори што се во тек, е дека гласањето на македонската дијаспора редовно завршува со слаб одзив. Или гласовите од дијаспората биле соодветно „менаџирани“ од некој политички фактор во земјата што го „открил потенцијалот“ за таква „операција“.
– Изминативе седум-осум години се забележува значителен пад во заинтересираноста на иселениците за учество на избори во Македонија. Но тоа се должи првенствено на незаинтересираноста на власта за комуникација и соработка со иселениците, нефункционалноста на дипломатско-конзуларните претставништва, не постои функционален систем за навремена информираност, проблемот со пасошите… Но доколку сите овие работи би функционирале, убедена сум дека бројката би била значително голема, со што би се обезбедиле и пратеник/пратеници, претставници на иселениците во македонското собрание – смета Ана Дукоска од Вашингтон.
На денот пред првиот круг претседателски избори, кога вообичаено се гласа во дијаспората, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, поттикнат од резултатскиот ефект на гласањето кај иселениците, навести дека треба да се размислува за менување на Изборниот законик во овој контекст.
– По изборите треба да се размислува за промена на тој систем за дијаспората, бидејќи би требало и тие да имаат претставник. Mеѓутоа гледаме дека на овој начин, веќе неколку циклуси тие не само што не можат да го остварат правото туку не се ни остварува гласањето. Зборуваме за претседателски избори каде што се пријавија околу 2.400, а да не говориме за парламентарни каде што нема ни да има гласање, затоа што не се пријавија доволен број гласачи. Така што, државата троши големи средства, а нема никаква ниту бенефиција, ниту резултат од гласањето во дијаспората – констатираше претседателот на ДИК, Даштевски.

Еднаква е вредноста на гласовите од дијаспората со домашните гласови

Принципот на еднаквост, дека гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето во вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии, поттикнува многу земји да прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Малото учество на изборите на македонската дијаспора (со оглед на нејзината бројност) доволно говори дека Македонија не е од тие земји што го сфатиле тој демократски принцип. И покрај другите можности за гласање на дијаспората, кои ги нуди современата комуникациска технологија, а сѐ повеќе ги прифаќаат некои држави, иселениците од Македонија главно можат да гласаат само во дипломатско-конзуларните претставништва, кои најчесто се наоѓаат на стотици или илјадници километри оддалеченост од гласачите.
– Првенствено, МОРА да постои заинтересираност за комуникација и соработка со иселениците од владините институции. Очекуваме од идната влада да ја поправи состојбата во ДКП-та, со што ќе испрати кадар што ќе ја возобнови врската помеѓу иселениците и татковината, да дигитализира обнова и добивање нова документација, да овозможи електронско гласање каде што би им се дало шанса за учество и на оние што треба авионски да патуваат до најблиското ДКП за да го остварат своето загарантирано право на глас. Доколку се остварат овие промени, убедена сум дека иселениците ќе се мотивираат повеќе да соработуваат со татковината, да ја промовираат, да споделуваат идеи и искуства од земјите каде што живеат со цел напредок на татковината, да преговараат и да носат странски инвестиции, па дури и еден ден да се вратат дома – порачува активистката на македонската дијаспора во САД, Ана Дукоска.