16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрупацијата ЕИБ се обврзува на рекордно финансирање за поддршка на енергетската безбедност...

Групацијата ЕИБ се обврзува на рекордно финансирање за поддршка на енергетската безбедност на ЕУ и зелената економија

Групацијата на Европската инвестициска банка потпиша рекордна сума во ново финансирање за обновливи извори, ефикасност, складирање и мрежи во 2022 година, нагласувајќи ја непоколебливата посветеност на банката на ЕУ да обезбеди пристап до прифатлива енергија во време на екстремна неизвесност. Вкупното финансирање од ЕИБ потпишано за проекти за одржлива енергија во Европската Унија достигна невидени 17,06 милијарди евра, бидејќи банката започна да спроведува специјален пакет за поддршка за планот REPowerEU за ставање крај на зависноста од увозот на руско гориво.

Севкупното финансирање на Групацијата ЕИБ (Европската инвестициска банка и Европскиот инвестициски фонд) потпишано минатата година изнесуваше 72,5 милијарди евра, што се очекува да поддржи инвестиции од околу 260 милијарди евра и да создаде 950.000 работни места до 2026 година. Речиси половина од заемите од ЕИБ во Европската Унија (46 %) беа потпишани за проекти во кохезионите региони, што е во основата на поддршката на банката за правичен раст и конвергенција низ Европската Унија.

„Ги исполнивме нашите ветувања, ги надминавме нашите цели, го направивме тоа за коешто зборувавме“, рече претседателот на ЕИБ Вернер Хојер на објавувањето на годишните резултати на групацијата во Брисел. „Банката на ЕУ го користи целиот обем на својата финансиска огнена моќ за да ги ублажи економските последици од неоправданата агресија на Путин и да ги постави темелите за одржливо закрепнување“.

ЕИБ и понуди непосредно олеснување на Украина веднаш по избувнувањето на војната, исплаќајќи средства од 1,7 милијарди евра минатата година за да помогне во финансирањето на итни поправки на инфраструктурата на земјата опустошена од руското бомбардирање. Банката останува посветена на засилување на своите активности во Украина, во согласност со мандатот даден од лидерите на ЕУ и во тесна соработка со Европската комисија, Европскиот парламент и меѓународните партнери.

Покрај поддршката за Украина, ЕИБ Глобално потпиша и ново финансирање од 9,1 милијарди евра во 2022 година, со што вкупните операции на огранокот на ЕИБ за глобални партнерства започнати пред една година достигнаа 10,8 милијарди евра. „Од зелената енергија во Африка, до обезбедувањето пристап до чиста вода за жителите на Јордан, ЕИБ Глобално е решена да финансира глобална праведна транзиција кон климатска неутралност“, рече вршителот на должноста управен директор на ЕИБ Глобално Маркус Бернт. „Уверени сме дека, заедно со Европската комисија и нашите партнери, можеме да поддржиме 100 милијарди евра инвестиции за проекти што придонесуваат кон стратегијата на Глобалната порта на ЕУ, потврдувајќи ја улогата на ЕИБ Глобално во унапредувањето на политичките цели на ЕУ за одржлив раст низ целиот свет”.

Зеленото финансирање од ЕИБ повторно значително се зголеми на 36,5 милијарди евра (58 % од вкупната сума), што значи дека Банката ја исполни својата заложба да посвети најмалку половина од своите ресурси на климатските активности и одржливоста на животната средина, многу пред целта за 2025 година. Генерално, групацијата ЕИБ е на добар пат да ја постигне својата цел да поддржи 1 трилион евра зелено финансирање оваа деценија, откако веќе поддржа 222 милијарди евра инвестиции во последните две години.

„Во време кога Соединетите Држави ја спроведуваат најголемата програма за зелени субвенции во историјата, императив е Европа да го одржува чекорот и да остане доследна, како за доброто на нашата планета, така и за заштита на конкурентноста на нашите економии“, рече претседателот Хојер. „Банката на ЕУ ќе го направи својот дел за да ги финансира домашните иновации што ќе не одведат до нето-нула“.

Активности на ЕИФ

Во 2022 година, ЕИФ посвети повеќе од 9 милијарди евра за малите бизниси и климатските и инфраструктурни проекти, што се очекува да мобилизира околу 97 милијарди евра инвестиции за поддршка на инклузивната транзиција кон климатска неутралност, дигиталната трансформација на европските индустрии и конкурентноста на претприемачите од ЕУ. Околу една третина од потпишаниот износ беа насочени кон областите на одржливост и зелена трансформација, додека 27 % беа инвестирани во помали бизниси активни на полето на иновации и дигитализација.

Во услови на предизвикувачки економски перспективи за 2023 година, ЕИФ планира да продолжи со распоредувањето на повеќетематската програма InvestEU и да ја дополни со нови планови, како што е Иницијативата за европски шампиони во технологијата, која се очекува да започне во следните недели за поддршка на домашната иновација. Од клучно значење е тоа што капиталните инвестиции на ЕИФ во зелените индустрии ќе го поддржат планот на REPowerEU за елиминирање на зависноста од увоз на фосилни горива.

„Надградувајќи врз веќе завршената работа, ЕИФ ќе остане оперативно остар и агилен, приспособувајќи се на променливиот свет околу нас и стремејќи се да ги канализира ефикасно јавните ресурси таму каде што се најпотребни“, рече главната извршна директорка на ЕИФ, Марјут Фалкстет. „Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме европските мали бизниси, истовремено зголемувајќи ја нашата активност во финансиски решенија ориентирани кон одржливост, како што се климатските и инфраструктурните фондови“.

Одговор на пандемијата

Групацијата ЕИБ реши брзо да стави на располагање што е можно повеќе финансии за европските бизниси кога се појави пандемијата. Со поддршка од 22 земји-членки, групацијата ЕИБ го основа Европскиот гарантен фонд (ЕГФ), кој за околу две години активност потпиша финансирање заеми, гаранции, капитал и квази капитал во износ од 20,9 милијарди евра (од 24,4 милијарди евра на располагање). Средствата ќе им овозможат на бизнисите, особено на малите и средните бизниси, да ја издржат пандемијата и да се развијат излегувајќи од неа. Целото финансирање потпишано во рамките на ЕГФ се очекува да мобилизира 183,5 милијарди евра инвестиции за европските економии.

Основни информации

Европската инвестициска банка е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Финансира разумни инвестиции што придонесуваат за целите на политиката на ЕУ, вклучително и глобална праведна транзиција кон климатска неутралност. Како подружница на ЕИБ, ЕИФ е најголемиот европски финансиер на ризичен капитал и приватен капитал.

На прес-конференцијата одржана во Брисел на 2 февруари 2023 година, групацијата ЕИБ, исто така, откри ново лого, кое го усогласува нејзиното корпоративно брендирање и визуелен идентитет со оние на другите институции и тела на ЕУ. Новото лого се заснова на два главни елементи: европското знаме и графички елемент што ја претставува силуетата на седиштето на групацијата ЕИБ во Луксембург.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП