Војната во Газа се „прелеа“ на американските универзитети: Протестите против Израел се шират

60
EPA-EFE/SARAH YENESEL

Антиизраелски протести се организирани на улиците на Бруклин, а ескалираа на универзитетите ширум САД, додека демонстрантите бараат да се стави крај на страдањето на цивилите во Газа.

Протестите во изминатите неколку дена се проследени со масовни апсења на демонстранти на некои универзитети на Источниот брег, а според агенцијата Ројтерс, тие се одраз на длабокото незадоволство во САД, историски најважниот сојузник на Израел, од начинот на кој се води војна против Хамас, пишува Вјести.

Пропалестинските протести го следат претседателот Џозеф Бајден со месеци, истакнува Ројтерс. На универзитетите, протестите неодамна се претворија во кампови кои привлекуваат студенти и професори од различно потекло, вклучително и оние од еврејската и муслиманската вероисповед, кои организираат предавања, меѓуверски молитви и музички изведби. Големиот протест на улиците на Бруклин во вторникот беше тензичен, во најмала рака, бидејќи полицијата почна да апси луѓе за непристојно однесување, приведувајќи ги оние кои одбиваа да се поместат.

Американската полиција уапси повеќе десетици студенти во Тексас и Калифорнија, кои протестираа против војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Во Тексас вчера се уапсени 34 лица, по судирот меѓу демонстрантите и полицијата и полициската коњаница, а меѓу уапсените е и новинар на американската ТВ станица Фокс, јавија американските медиуми.

Студенти од Тексас побарале нивниот универзитет да прекине секаква соработка со компаниите што произведуваат и продаваат оружје на Израел, пишува Индипендент.

Апсењата минаа помирно во Калифорнија, каде беа уапсени околу 20 студенти кои претходно три дена беа забарикадирани во зградата на универзитетот, на што универзитетот одговори со организирање онлајн часови.

Претходно, на почетокот на неделата, полицијата соопшти за 133 приведени демонстранти на Универзитетот Колумбија во Њујорк и околу 40 на Универзитетот Јејл.