Свет
Британски политичари: „Русија сее хаос во балканскиот регион, треба да испратиме војска во БиХ“
Британски војници треба да бидат испратени во Босна и Херцеговина поради ризикот од дестабилизација на Балканот, тврди поранешниот командант на Обединетите нации, Боб Стјуарт.
Стјуарт, сега независен британски пратеник, рече дека британскиот баталјон ќе биде „најдобриот баталјон“ што може да се испрати во југоисточниот регион на Европа за да се воспостави мир. Претседателката на Комитетот за надворешни работи Алиша Кернс предупреди дека Балканот може да стане место на „трет голем глобален конфликт“, заедно со Украина и Газа, доколку не се преземат превентивни мерки.
За време на дискусијата за безбедноста во регионот, чиј домаќин беше Кернс, таа рече: „Треба да размислиме за изградба на нов безбедносен сојуз меѓу САД, ОК и другите спремни земји-членки на НАТО со Косово, бидејќи тоа ќе помогне да се ублажат непосредните безбедносни грижи што ги имаме.
Интервенирајќи, Стјуарт додаде: „Британски баталјон стациониран во Босна и Херцеговина би испратил многу, многу силен сигнал. И искрено, британскиот баталјон е веројатно најдобриот баталјон што може да се испрати во таква мировна ситуација. Ние му помогнавме на регионот во минатото Ние го направивме тоа на политичкo, социјалнo, економско поле, и, се разбира, многу работа е направена во БиХ“.
Министерот за надворешни работи Дејвид Ратли, од друга страна, рече дека во моментов нема такви планови, но дека „Обединетото Кралство продолжува силно да ги поддржува вооружените сили на Босна и Херцеговина“. Тој додаде дека британската влада „постојано“ го ревидира својот пристап кон санкциите и ќе размисли да ги таргетира оние кои „се обидуваат да ја поткопаат ситуацијата“.
Пред дебатата, Кернс за новинската агенција PA изјави: „Балканот е важен и ако го игнорираме, ќе завршиме со пожар на нашиот праг. Ова не е важно само за европската безбедност, бидејќи во суштина тоа е нашиот продолжен двор и ако дојде до криза на Балканот, ќе ја почувствуваме тука, ќе не погоди сите нас и не можеме да си дозволиме трет глобален голем конфликт, што би било токму тоа“.
Таа, исто така, посочи дека Русија има намера да сее хаос во регионот: „Се работи за создавање што е можно повеќе театри на конфликти. Тие постојано го повторуваа фактот – ако работите не одат добро во Украина, Русија би го дестабилизирала Балканот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Пукање кај израелската амбасада во Стокхолм, неколкумина уапсени
Шведската полиција приведе неколку лица и опколи област во Стокхолм, откако патрола слушнала наводен истрел, соопшти полицијата во петокот, а израелската амбасада е во опкружената област.
„Полициска патрола во Страндваген во Стокхолм слушнала звуци и се посомневала дека има пукање“, објави полицијата на својата веб-страница.
Неколку лица се уапсени и покрената е истрага поради сомнение за тешко вооружено злосторство, додаваат тие.
„Во врска со истрагата која е во тек, сознанијата го потврдуваат сомнежот дека имало пукање“, се наведува во објавата на полицијата на својата веб-страница.
Ројтерс се уште не може да добие коментар од полицијата или израелската амбасада.
Шведската новинска агенција ТТ соопшти дека полицијата одбила да коментира дали има врска меѓу инцидентот и израелската амбасада.
Европа
Орбан: Фицо е меѓу животот и смртта
Словачкиот премиер Роберт Фицо е меѓу животот и смртта два дена по атентатот што ја шокираше Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тоа беше првиот голем атентат на европски политички лидер во повеќе од 20 години и наиде на меѓународна осуда.
Политичките аналитичари и пратеници велат дека тоа ја разоткри сè пожешката и поларизирана политичка клима во Словачка и низ Европа.
„Се молиме за премиерот и навиваме за Словачка“, рече Орбан. „Му посакуваме брзо закрепнување и враќање на работа. Роберт Фицо е меѓу животот и смртта“.
Орбан рече дека дури и ако Фицо закрепне, тој нема да работи со месеци во критично време пред изборите за Европскиот парламент на почетокот на следниот месец.
„Ни претстојат избори кои ќе одлучуваат не само за пратениците во Европскиот парламент, туку заедно со изборите во САД, тие можат да го одредат текот на војната и мирот во Европа“, рече Орбан.
„Во таа ситуација, навистина ќе ни требаат Роберт Фицо и Словачка, која се залага за мир“, додаде тој.
Европа
(Видео) По масовните напади на Крим, сателитските снимки откриваат уништени руски авиони и оштетени згради
Сателитските снимки до кои дојде Си-ен-ен покажуваат три уништени руски авиони и оштетени згради во воздухопловната база Белбек во Севастопол во средата. Станува збор за пресретнувачи Микојан МиГ-31 и борбени авиони Сухој Су-27.
Сателитските снимки од Максар покажуваат два изгорени авиони на главната писта кај Белбек, а третиот е паркиран на заштитен насип. Сателитските снимки покажуваат и уништена зграда во близина и друга која претрпела значителна штета.
On @Maxar imagery, two MiG-31s and one Su-27 have been completely destroyed, and a MiG-29 damaged, at the Russian Air Force's Belbek Airbase in occupied Crimea. A fuel storage near the main airbase runway was also destroyed, and debris continued to burn in the aftermath. https://t.co/ZWflMYUFVw pic.twitter.com/80N56MRP2h
— Christiaan Triebert (@trbrtc) May 16, 2024
Михаил Развозаев, гувернерот на Севастопол назначен од Русија, утринава преку Телеграм изјави дека Русите „успешно одбиле масовен непријателски напад врз Севастопол“. Вторпат Белбек е мета на Украинците во последните 48 часа.
Запрашан за украинскиот напад на Белбек, Дмитро Плетенчук, портпарол на украинската војска, вчера изјави: „Во моментов не можеме да објавиме никакви детали бидејќи во овој момент нема проверени информации“.