Столтенберг ја обвини Русија за малигни обиди за сеење раздор на Западниот Балкан

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, најави дека на средбата ќе разговараат и за ситуацијата на Западен Балкан, каде што има „малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“.

– Ќе разговараме и за ситуацијата на Западен Балкан, каде што гледаме сецесионистичка реторика која носи раздор во Босна и Херцеговина и малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија – рече Столтенберг на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО која почнува утре во Брисел.

Генералниот секретар на НАТО го спомена и сериозното насилство на северот на Косово. Тој додаде дека министрите ќе разговараат со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, за тоа како да се зајакне стабилноста во регионот.

– НАТО веќе испрати дополнителни илјада војници на Косово и размислуваме за потрајно зголемување на нашиот мировен контингент – рече Столтенберг.

Тој нагласи дека Србија и Косово мора повторно да се вклучат во дијалогот под покровителство на ЕУ.

– Стабилноста зависи од тоа дали сите страни ќе изберат дијалог и дипломатија наместо конфликт и хаос – додаде генералниот секретар на НАТО.