Горда сум на граѓаните. Не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката, рече професорката Гордана Силјановска Давкова во вечерашното свое обраќање откако и првичните резултати на ДИК покажува водство од над 130.000 гласови пред кандидатот Стево Пендаровски.
„Горда сум на мојот тим, постојано беше со мене, ме бодреше, ме критикуваше, ме советуваше. Горда сум на учесниците во изборната трка. Сите знаеме дека изборниот процес е најстраствениот процес, но сепак, во дебатата, во изјавите, мислам дека не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум посебно на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност. Мислам дека е време за идентификација на жена со жена, без оглед на која партија и идеологија припаѓа. Многу се радувам што деновиве среќавам жени од други партии кои ми велат дека доаѓа нашето време. Нема да градиме матријархат, но ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, енергија, креација и дека е редно ова општество да го искористи сето тоа“, рече Силјановска Давкова.