Лепа Брена, Миа Костова, Нина Бадриќ и Тереза Кесовија – жртви на интернет-измамници 

5021

Сè почеста е злоупотребата на името и ликот на популарните личности!   

Познатите личности од Македонија, но и од поранешна Југославија, деновиве се жртви на интернет-измамници. Па така, македонската инфлуенсерка и водителка Миа Костова не може да го скрие својот голем револт, а и нема причина за тоа. Бесна е! Не се воздржува во употребата на зборовите кога ги напаѓа измамниците:

– Добро бре, говеда едни, прво лепевте доктори на тема апчиња за слабеење, сега стигнав и јас на ред! Тоа интервју со мене е комплетно измислено. Не сум дала вакви изјави, немам користено апчиња за слабеење во животот, не би кажала вакво нешто, ниту би била дел од вакви кампањи во животот. Ако има некој информација како да стигнам до оној што стои зад ова с*ање, кое личи и како некој чуден превод преку „Гугл транслејт“ уште во насловот, ве молам, информирајте ме! Ова не е моја изјава – во ниту еден дел! Не наседнувајте! – објави Миа, преку својот Фејсбук.

Хрватската поп-пејачка Нина Бадриќ, исто така, стана цел на компјутерските измамници. Ова не е првпат да се „закачат“ за неа. Нина ги предупреди своите обожаватели дека е цел на хохштаплери, па затоа никој да не наседнува на лажниот профил на личност што се претставува како да е таа.

– Не наседнувајте, тоа е лажен профил! – напишала Бадриќ на својата инстаграм-приказна и споделила снимка од профилот, како и пораки што ги испраќа лицето од него.

Измамници на Интернет го користат ликот на Нина Бадриќ за рекламирање производи за слабеење.

Во случајот на Лепа Брена, станува збор за измама во врска со лекот против дијабетес. Популарната пејачка информира дека никогаш не го употребувала тој лек и дека сè е само одвратна лага.

– Објавени се и „мои“ лажни изјави во вид на некакво интервју. Јас немам проблем со дијабетесот, затоа никогаш не сум го изјавила тоа.                                                         За да се заштитиме и јас и публиката, ќе морам да поднесам тужба преку мојот адвокатски тим. Да се стопира тој циркус. Доста ми е од тие лажни објави за лекарства што може да бидат и смртоносни – луто коментира пејачката.

И легендарната поп-пејачка од Дубровник, Тереза Кесовија, има големи маки со интернет- измамниците. Нејзиниот лик е злоупотребен за рекламирање кремови против старечки брчки на лицето. Со оглед на тоа што Тереза има природно младешко лице, измамниците тврдат дека тоа е така кај неа само поради употребата на кремовите што ги рекламираат тие, што, секако, не е точно.

– Одвратно е ова што се прави преку Интернет. Ниту ги користам тие кремови ниту сакам да им се спротивставам на природата и на природното стареење. (Тереза, има 85 години, н.з.) Никој не е вечен, па ни јас. Само малку ги ублажувам брчките на лицето со пудри, а не со тие лажни кремови. Морам поради ТВ-камерите и фотоапаратите. Сега не ми останува ништо друго, туку правно да се заштитам од ваквите лудаци, а на луѓето топло им препорачувам да не наседнуваат на измамата преку „мојот“ лажен профил – објасни Тереза.                    Д.М.