Стејт Департментот бара од Белград и Приштина да не ја загрозуваат регионалната безбедност

од Nikola Popovski

Стејт Департментот ги повика Белград и Приштина да избегнуваат какви било активности кои би можеле да ја загрозат регионалната безбедност и стабилност и побара од српските власти да постапат транспарентно во случајот со приведувањето на припадници на косовската полиција.

„САД се свесни за ситуацијата и внимателно ја следиме. Сите страни мора да избегнуваат какви било активности кои би можеле да ја загрозат регионалната безбедност и стабилност. Во однос на секој притворен, ги повикуваме српските власти да дејствуваат транспарентно и со целосно почитување на владеењето на правото и да продолжат со секој случај што е можно поскоро“, се вели во писмената реакција на Стејт департментот до косовски „Репортери“.

Стејт Департментот предупреди дека секое произволно или неправедно продолжено притворање на службеници на косовската полиција претставува ескалација на акција штетна за мирот и стабилноста.

„Произволните или неправедно долгите притвори, особено ако се насочени кон службеници на косовската полиција, ќе се сметаат за ескалација на дејствија штетни за мирот и стабилноста. Се надеваме на итно ослободување на преостанатиот косовски полицаец, кој сè уште е во притвор од српските власти. Повторуваме дека договорот за слобода на движење постигнат во рамките на дијалогот што го води ЕУ дава јасни параметри за влез и излез на граѓаните на Косово во и од Србија“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

Министерството за внатрешни работи на Србија претходно денеска соопшти дека по апсењето на четворицата припадници на косовската полиција, на заменик директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ му е одреден притвор до 48 часа.

Наведено е дека притворот му е одреден со цел да се утврдат фактите и потребните проверки во врска со безбедноста на Србија.

Слични содржини