(видео) Шмит ги повикал Додик и Човиќ „да разговараат како возрасни луѓе“

На прашањето како ќе реагира ако Република Српска донесе свој Изборен закон, Шмит вели дека ова не е криза и дека, како што вели, нема потреба да се размислува за реакции.

од Бети Божиноска

Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, кој не е признат во Република Српска бидејќи неговото именување не беше потврдено во Советот за безбедност на ОН, смета дека не е можно претседателот на РС, Милорад Додик, и лидерот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, да не ги прифатат неговите одлуки и тоа, како што тврди, би бил крајот на европскиот пат на Босна и Херцеговина.

Во гостување на федералната телевизија „Фејс“, Шмит рече дека добил порака дека Додик нема ништо лично против него, и не ја исклучува можноста за средба со претседателот на РС. Тој му порача на Човиќ, како што рече, да се смири и дека „ова не е крај на европскиот пат, туку само почеток“.

„Ги поканувам и него и Додик да седнеме во Лакташи, Мостар или во Сараево и да разговараме како возрасни луѓе. Можете да разговарате со мене иако понекогаш знам да реагирам бурно. Ќе верувам дека Додик, сепак, е разумен“, истакна Шмит.

Зборувајќи за наметнатите измени во Изборниот закон на БиХ, Шмит вели дека „ако морате да дејствувате, тогаш најдобро е да ја направите вистинската работа“.

„Втората најдобра работа е да се направи погрешна работа, а најлошата е да не се прави ништо. Гласачите имаат право правилно да им се пребројат гласовите, затоа и дејствував“, посочи Шмит.

На прашањето зошто го споменува 19 април како краен рок за политичарите да направат можни корекции на она што тој го наложи, Шмит објаснува дека одлуките мора да се донесат пред да се распишат изборите во мај.

„Значи, го имаме само април, нема да ми пречи ако партиите го изгласаат Изборниот закон во Претставничкиот дом и во Домот на народите“, рече тој.

На прашањето како ќе реагира ако Република Српска донесе свој Изборен закон, Шмит вели дека ова не е криза и дека, како што вели, нема потреба да се размислува за реакции.

„Ентитетот не може да прави ништо надвор од Уставот на државата. Тоа им го порачувам и тие добро го знаат тоа“, тврди Шмит, а на прашањето што ако дојде до криза, тој посочува дека негова работа е да ги штити не само постоењето на БиХ, туку и постоењето на ентитетот.

„Моја работа е да го шитам постоењето не само на БиХ туку и постоењето на ентитетот, да посочам дека тоа се недопирливи категории. Ако некој оди во спротивна насока, јас сум тука да дејствувам. Може да дојде до криза, но нема потреба од тоа,“ истакна Шмит.

Слични содржини