Групата Г-7 и другите партнерски земји денеска се обврзаа дека ќе продолжат да го поддржуваат енергетскиот сектор на Украина, вклучително и со снабдување опрема и друга хуманитарна помош во текот на зимата. Ова го соопшти американскиот Стејт департмент, по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од групата, пренесува МИА.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши беа домаќини на виртуелната дискусија, каде што земјите, исто така, ветија дека ќе продолжат да ги усогласуваат напорите за „ модернизација и декарбонизација на енергетската мрежа“ на Украина, истакна Стејт департментот.