Банки
Оглас за вработување во Народната банка на Република Северна Македонија

Врз основа на член 59 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија и Одлуката за утврдување потреба од засновање работен однос бр.04-28700/1 од 18 август 2023 година, Народната банка на Република Северна Македонија распишува Оглас за вработување во Народната банка на Република Северна Македонија.
1. Народната банка на Република Северна Македонија објавува оглас за вработување на четири (4) извршители, од кои:
– 1 извршител на работното место „помлад аналитичар почетен II степен“ во Отсекот за надгледување на платните системи во Дирекцијата за платни системи, на определено време во траење од 2 години;
– 2 извршители на работното место „помлад статистичар почетен II степен“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика, на определено време во траење од 1 година и
– 1 извршител на работното место „помлад супервизор почетен I степен“ во Дирекцијата за теренска супервизија, на определено време во траење од 1 година.
2. Кандидатите за работните места од точка 1, треба да ги исполнуваат следните општи услови за засновање работен однос, утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија: да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат општа здравствена способност за работното место и да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.
3. Покрај општите услови за засновање работен однос утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија, кандидатите треба да ги исполнуваат и следните посебни услови:
– за работното место „помлад аналитичар почетен II степен“ во Отсекот за надгледување на платните системи во Дирекцијата за платни системи: да имаат завршено факултет од областа на правните науки со најмалку 180 кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање англиски јазик, работа со компјутер, познавања на платните системи и финансиските пазари и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните стручни знаења и англиски јазик.
– за работното место „помлад статистичар почетен II степен“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика: да имаат завршено факултет од областа на економските науки со најмалку 180 кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните познавања од областа на работењето на Народната банка.
– за работното место „помлад супервизор почетен I степен“ во Дирекцијата за теренска супервизија: да имаат завршено факултет од областа на правните науки со најмалку 180 кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните познавања од областа на работењето на Народната банка, англиски јазик и работа со компјутер.
4.Кандидатите за работните места од точка 1 треба да достават:
– пријава и изјава за согласност за обработка на лични податоци;
– кратка биографија;
– препораки за професионално искуство и меѓучовечки односи од претходните и тековните работодавачи;
– доказ за државјанство издаден од надлежниот орган на Република Северна Македонија;
– потврда од надлежен орган (Централен регистар на Република Северна Македонија или надлежен суд) којашто изречно ќе гласи дека на лицето не му е изречена казна, забрана за вршење професија, дејност или должност, не постара од шест месеци пред денот на поднесувањето на пријавата (други потврди коишто нема да гласат согласно со наведеното, нема да се прифаќаат);
– диплома или уверение за завршено образование;
– доказ за работен стаж само доколку го имаат од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија (други потврди од Агенцијата за вработување нема да се прифаќаат);
– кандидатите за работното место од точка 1 алинеја 2 треба да достават доказ за познавање на англискиот јазик (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело англиски јазик) и доказ за познавање работа со компјутери (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело работа со компјутери) и
– кандидатите за работните места од точка 1 алинеја 1 и 2 треба да достават доказ за познавање работа со компјутер (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело работа со компјутери).
Сите докази може да бидат доставени во копија.
5.Работното време, во работната недела за работните места од точка 1 започнува помеѓу 8,00 и 9,00 часот, а завршува помеѓу 16,00 и 17,00 часот.
6.Во согласност со Колективниот договор на ниво на Народната банка, со кандидатите кои имаат работен стаж и за првпат склучуваат договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец, а доколку кандидатите немаат работен стаж, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење на приправнички стаж во времетраење од најмногу 12 месеци.
7.Договорот за вработување склучен на определено време, може да се продолжи со анекс кон Договорот, во согласност со одредбите од Законот за работните односи.
8.Висината на основната (нето) плата за работните места од точка 1 алинеја 1 и 2 изнесува 38.526,00 денари, додека за време на пробната работа висината на основната (нето) плата изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 19.722,00 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70% од основната (нето) плата, односно 27.238,00 денари.
Висината на основната (нето) плата за работното место од точка 1 алинеја 3 изнесува 30.258,00 денари, додека за време на пробната работа висината на основната (нето) плата изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 15.064,00 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70% од основната (нето) плата, односно 21.448,00 денари.
9. Рокот за доставување на документите изнесува 7 работни дена, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето на огласот.
10. Изборот на работниците кои ќе засноваат работен однос во Народната банка ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување.
11. Ненавремената и некомплетната документација нема да биде разгледувана.
12. Пријавата и Изјавата за согласност за обработка на личните податоци1 се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Северна Македонија.
Бараните документи да се достават до Архивата на Народната банка на Република Северна Македонија на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, Скопје.
Банки
Ангеловска-Бежоска пред Студентското собрание: Финансиската писменост ја намалува сиромаштијата за 2 до 3 п.п.

„Само финансиски едуцирани лица можат да носат издржани финансиски одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање од кои ќе зависи и нивната иднина. Има емпириски истражувања коишто покажуваат дека дури половината од доходовната нееднаквост помеѓу луѓето во светот произлегува од разликите во финансиската писменост. А доходовната нееднаквост во изминативе кризни години, по повеќе децении намалување, за жал се зголеми. Според Светската банка, најсиромашните 40% од светското население изгубиле двојно повеќе доход од најбогатите 20%. Ова е највисокиот раст на нееднаквоста од 1990 година па наваму. Финансиската писменост се смета за силна алатка за поттикнување на растот и за намалување на сиромаштијата – според некои студии, дури за 2 до 3 процентни поени.“ Ова беше истакнато од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата „Како познавањето на финансиите ја обликува твојата иднина?“, организирана од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

Во своето обраќање, гувернерката ги претстави и активностите на Народната банка во областа на финансиската едукација, вклучувајќи ја и подготовката на првата национална Стратегија за финансиска писменост и финансиска инклузија, организирањето бројни предавања и работилници, подготовката на едукативни материјали и вклучувањето нови целни групи, како лицата со попреченост. Таа нагласи дека во услови на брзи дигитални трансформации и зголемена комплексност на финансиските услуги, мора и натаму да се вложува во знаењето. Ова е особено важно имајќи го предвид фактот дека според истражувањето на ОЕЦД, стапката на финансиска писменост (56% од максималната вредност) е слична со стапката во регионот, но значително пониска од стапката во Европската Унија.
Настанот беше посветен на унапредување на финансиската писменост кај младите – тема од суштинско значење за личниот развој, но и за економската стабилност на едно општество. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претседателката на Советот на експерти на АСО, Ели Дракуловска, Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС, и професорот Кирил Јовановски, надворешен комисионер при КХВ.
Банки
Комерцијална банка со поддршка од 30 милиони денари за Фондацијата на МБА „Заедно за едно“ за помош на настраданите во трагедијата во Кочани

Комерцијална банка како истакната општествено одговорна компанија ќе обезбеди силна финансиска поддршка во износ од 30 милиони денари за новата Фондација „Заедно за едно“, основана во рамките на Македонската банкарска асоцијација за да помогне на повредените и на семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани. Овој износ Банката ќе го донира на Фондацијата за 2025 година, а за наредните години согласно потребите на настраданите и можностите на Банката, ќе се носат посебни одлуки.
Убедени дека во моменти на голема болка и тага, солидарноста, заедништвото и хуманоста создаваат надеж, Комерцијална банката е и еден од основачите на Фондацијата „Заедно за едно“, која има за цел да обезбеди долгорочна финансиска поддршка и грижа за настраданите лица и за нивните најблиски.
Значајните донации што во наредниот период ќе ги обезбеди Комерцијална банка преку новата фондација претставуваат конкретен израз на нашата желба да им помогнеме на повредените, на нивните најблиски, како и на семејствата на загинатите со помалку болка и тешкотии да се справат со последиците од оваа ужасна трагедија.
Банката ќе донира финансиски средства за долгорочна помош за настраданите и нивните семејства, кои ќе бидат наменети за задоволување на основните потреби (храна, облека, сместување, лекови), покривање трошоци за медицински третмани, операции и рехабилитација, поддршка на менталното здравје, како и за стипендии и грантови за поддршка во образованиот процес и во професионалната реинтеграција.
Како докажан поддржувач на општеството и на граѓаните, Комерцијална банка останува цврсто посветена на својата мисија да биде двигател на позитивни промени и на поддршка за заедницата, особено во тешки времиња кога сочувството и емпатијата помагаат барем малку да се ублажат болката и последиците.
Сите потребни информации за семејствата на починатите и на повредените лица да ја добијат неопходната финансиска помош ќе бидат објавени на веб-страницата mba.mk.
Банки
За еден миг со НЛБ мКлик, од сега целосно дигитално, до нова кредитна картичка и зголемување на кредитен лимит

НЛБ Банка воведува две нови функционалности преку својата мКлик мобилна апликација, правејќи ја мКлик апликацијата вистинска „банка на дланка“ и овозможувајќи продуктите кои досега се пласираа единствено на традиционален начин да бидат достапни до клиентите и преку дигиталните канали на Банката.
Веќе од денес, корисниците на мобилното банкарство на НЛБ Банка можат да аплицираат за кредитна картичка, како и за зголемување на кредитен лимит на постоечка картичка, едноставно преку својата мКлик мобилна апликација. Онлајн аплицирањето овозможува лесен и брз пристап до финансиски средства, без потреба од физичка посета на експозитура, освен кога клиентот треба да ја подигне новата картичка и ПИН кодот за нејзино користење, во експозитурата која тој самиот ќе ја избере. Во процесот за зголемување на лимит на кредитна картичка, клиентот го има на располагање новиот лимит веднаш по завршување на процесот.
„Ние будно ги следиме преференците на клиентите согледувајќи ја нивната сè поголема потреба да управуваат со своите финансии дигитално и со само неколку допири на својот телефон или компјутер. По неодамна воведеното електронско потпишување на кредитна документација, онлајн ажурирањето на лични податоци и низа други дигитални услуги на Банката, со оваа надградба, продолжуваме да ги носиме традиционалните банкарски услуги од експозитурите во рацете на нашите клиенти, овозможувајќи им супериорно искуство и високо ниво на безбедност.“ – истакнуваат од НЛБ Банка.
За да можат да аплицираат онлајн за кредитна картичка и/или зголемување на кредитниот лимит на постоечка картичка, клиентите треба да користат еден од мКлик пакетите со привилегија на плаќање, валиден документ за лична идентификација евидентиран во системите на Банката, активна платежна сметка и средства на истата за наплата на апликативен трошок.
Трошокот за онлајн аплицирање за кредитна картичка и/или зголемување на кредитниот лимит на постоечка картичка е ист како и во експозитурите, а сите нови апликации преку мКлик каналот, почнувајќи од денеска и во наредните три месеци, промотивно се достапни без надоместок.
Клиентите можат да ја ажурираат или преземаат мКлик мобилната апликација бесплатно од платформите PlayStore или AppStore, во зависност од оперативниот систем на корисничкиот уред. мКлик нуди едноставен пристап до сите банкарски податоците, проверка на состојба и промет на сите сметки, овозможува и вршење на интерни трансакции, плаќање на режиски трошоци и останати плаќања кон физички и правни лица, плаќање на пријател, аплицирање за кредит како и низа други придобивки. Преку неа, корисниците можат да бидат во контакт со Банката во кое било време, без разлика каде се наоѓаат – дома, на работа или во движење.
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Стопанска банка АД – Скопје
- Банкипред 2 месеци
НОВО: Кредити од Комерцијална банка со намалени каматни стапки
- Банкипред 3 дена
Шпаркасе Банка наскоро започнува со изградба на нова Централа во Скопје
- Колумнипред 2 месеци
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје