„Преку разгледница до инклузија“ од Охрид и Струга

818

„Порака нова“ – Струга отвори нов фотоконкурс на тема „Преку разгледница до инклузија“ –фотографии од Охрид, Струга и од УНЕСКО-регионот, со цел афирмација на овие значајни дестинации во нашата земја, а и придонес на фотографиите кон една позитивна мисија, поддршка на лицата со попреченост.

– Нашите заложби за поголема инклузија на лицата со попреченост, повеќе можности тие да креираат самостоен живот и да заработуваат, сакаме да ги пресликаме во речиси сите активности што ги имплементираме. Таков е и овој фотоконкурс. Сите фотоентузијасти (професионалци или аматери) може да се приклучат и да учествуваат во оваа позитивна мисија и уникатен фотоконкурс, каде што, преку свои фотографии од Охридско-струшкиот регион, ќе придонесат кон подобрување на инклузијата и животот на лицата со попреченост – велат од „Порака нова“ – Струга.

Избраните фотографии ќе бидат преточени во разгледници, кои потоа ќе бидат продавани од лицата со попреченост, чија заработка ќе им помогне во самостојниот живот, самовработувањето и во социјализацијата.

– Најдобрите 15 фотографии ќе бидат избрани за да се испечатат во форма на разгледници. Нивните автори ќе добиваат 10 % од секоја продадена разгледница и ќе бидат исплаќани на месечно ниво. Сите права и обврски ќе бидат регулирани со посебни договори со избраните фотографи, по направената селекцијата. Нивното име, бренд/лого, веб-сајт ќе бидат додадени на задната страна на разгледницата. Преку целиот процес, фотографите и нивниот бренд ќе бидат промовирани преку кампањата за продажба – нагласуваат оттаму.

Стручно жири ќе ја прави селекцијата, а фотоконкурсот е отворен до 15 мај 2024.