Малолетник го признал делото за една од лажните дојави за бомби во скопските училишта

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје; Фото: Мета.мк

Малолетник од Скопје доби кривична пријава откако признал дека минатиот месец испратил лажна дојава за бомба до четири средни училишта во Скопје, што претставува прв случај на откривање на сторител кој испратил дојава за експлозивна направа во училишта. Од крајот на октомври па до денес, на територијата на земјава имаше вкупно 12 лажни дојави за поставени бомби во училишта.

Како што соопшти МВР, инспириран од претходните објави за бомби во неколку средни училишта на територијата на Скопје, во периодот од 26 октомври до 2 ноември, малолетникот на социјалните мрежи забележал дека пораките од анонимните дојавувачи биле испратени преку конкретен провајдер кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата, при што на 4 ноември од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адреса на конкретниот провајдер преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.

Користејќи посебна мобилна апликација, истиот ден преку неговиот мобилен телефон малолетникот се поврзал на неговиот компјутер и од претходно креираната електронска адреса на службените електронски адреси на четири средни училишта во Скопје ја испратил пораката со заканувачка содржина.

Повторно упатени закани за поставени бомби, овојпат до четири училишта

По добиената пријава, полициски службеници и единици на МВР преземале мерки, а училиштата биле безбедно евакуирани. По извршената антитерористичка проверка на сите училишта што ја добиле пораката, МВР тогаш соопшти дека не биле пронајдени експлозивни направи.

Со цел обезбедување на докази, Секторот за борба против тероризам и насилен екстремизам и радикализам во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Секторот за меѓународна полициска соработка утврдиле дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 4 ноември во 11 часот и 17 минути од ИП адреса за која од страна на телекомуникацискиот оператор биле доставени докази дека е во сопственост на 43- годишната Д.К.Ч., мајка на пријавеното малолетно лице.

По извршениот претрес на домот на малолетникот биле одземени компјутер, мобилен телефон и СИМ картичка што ги користело лицето, а по прегледот на уредите било утврдено дека малолетникот платил за закуп на пакет од провајдерот за користење на безбедна електронска пошта.

МВР соопшти дека по извршениот разговор со малолетникот, во присуство на родител, инспектор за малолетници и семејно насилство и адвокат, пријавениот го признал делото и го појаснил начинот на кој го извршил кривичното дело.

Инаку, досега на територијата на главниот град имаше вкупно десет лажни дојави за бомби, последната испратена во петокот. Истиот ден, за првпат лажна дојава за поставена експлозивна направа доби училиште во Крива Паланка, додека денеска дојави добиле две средни и три основни училишта во Кавадарци.

Признанието на малолетникот за само една од дојавите покажува дека лажните дојави за бомби сепак доаѓаат од повеќе страни.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во петокот рече дека ваквите појави се распространети и во соседството, како и во други држави на Европската унија. Тој повтори дека дојавите најчесто доаѓаат од заштитени адреси од странство од каде е тешко да се дојде до факти и информации, поради што и не може да се покрене постапка. Спасовски додаде оти МВР комуницира со партнерските организации и преку меѓународна правна помош ќе мора да ги обезбеди потребните податоци.