Жестока реакција од Наполи по одлуката за Ачерби: Шокирани сме!

Франческо Ачерби ќе може да продолжи да настапува до крајот на сезонава во дресот на Интер откако Дисциплинската Комисија при Серија А попладнево донесе одлука дека искусниот дефанзивец не е виновен за расистички навреди кон Хуан Жезус за време на дербито меѓу Интер и Наполи.

Ваквата пресуда доаѓа како голем пресврт откако во изминатите денови Ачерби најпрвин беше отстранет од националниот тим, по што и почна со тренинзи изолирано од останатокот првиот тим на Интер. Се најавуваше казна од десет меча неиграње, дури и раскин на договорот со Интер, но по долго разгледување на сите докази дисциплинците решија дека нема причина за санкција, прогласувајќи го Ачерби за невин во случајот против него.

Сосема очекувано, веднаш по одлуката на Дисциплинската комисија, дојде и жестока реакција од таборот на Наполи, од каде се вчудоневидени со дел од наводите во соопштението, но и од самата одлука.

„Ачерби не доби казна, па на крајот виновник ќе излезе Жезус затоа што некоректно го обвинил својот колега. Неверојатно е некој да поверува дека тој погрешно го слушнал. Шокирани сме бидејќи во пресудата се елиминирани сите докази, а фудбалерот на Интер не е санкциониран иако и самиот призна дека му се заканувал на противникот. Шокирани сме и Наполи во иднина нема да биде дел од вештачките иницијативи против расизмот и дискриминацијата, туку ќе спроведува свои кампањи со посебна посветеност“ – порачаа од Наполи.

Се вчитува...