Според Атанасовска, секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања, треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура, додаде Атанасовска, на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии
Вработените во културните институции бараат до крајот на работниот ден да им биде исплатена мартовската плата усогласена со колективните договори. Во спротивно, најавуваат дека од утре во 13 часот ќе почнат со протести пред Министерството за култура кои нема да запрат сè додека ова нивно барање не се исполни.
Претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска денеска најави дека тужбите за задоцнета исплата на плата во моментот се процесуираат.
„Платата за месец март во културата не е исплатена. Сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата сè уште немаат земено плата. Добив повик од кабинетот на министерката за култура, каде ми соопштија дека денеска во 13 часот треба да имаме состанок во Министерството за финансии. За што ќе биде точно состанокот не сум информирана, меѓутоа веднаш после тоа од институциите за култура добив повици во коишто кажуваат дека вработени од Министерството за култура им се јавувале во институциите и кажувале платата да се исплати без усогласувањето согласно колективните договори“,
рече Атанасовска на денешната прес-конференција пред Министерството за култура.
Атанасовска укажа на тоа дека некој веќе знае пред време што ќе се зборува на состанокот во Министерството за финансии и овие информации веќе ги споделува во институциите од културата и покрај тоа што состанокот сè уште не е почнат.
Според Атанасовска, за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со своите семејства ќе останат и без здравствено осигурување.
„Пред 18 дена на истото ова место бевме убедувани дека шириме паника и дезинформации помеѓу вработените во културата и дека има само една вистина, а тоа е дека платата ќе биде исплатена со највисоко досега усогласување од 12 проценти. Денес сите сме сведоци дека синдикатите беа во право и пред 18 дена и пред шест месеци“,
додаде таа.
Атанасовска рече и дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања, треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура, додаде Атанасовска, на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии.
„Што се случува и кој е одговорен за колапсот што се случува во културата? Неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата согласно законите и договорите. Ова тотално исмевање на довербата на сите вработени во културата не само што ја загрозува егзистенцијата на оние што се посветени на уметноста и културата туку го поткопува интегритетот на нашите културни институции“,
рече таа.
Според неа, тоа што Министерството за култура не ја исполнува својата обврска или е поради предизборна војна на партии или, како што рече, работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети.
„Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана културна работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“,
додаде таа.
Синдикатот на културните работници денеска поддршка доби од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов ја повика министерката за култура денеска да направи максимални напори и платите до крајот на работното време да легнат на сметките на вработените во култура.
Во спротивно, како што кажа Трендафилов, од утре почнуваат протестите, а дали тие ќе бидат само пред Министерството за култура или и пред Министерството за финансии зависи од денешниот исход.
„Пред две недели бевме тука и слушнавме дека министерката за култура дава целосна поддршка и го зборува тоа што го зборува и синдикатот – платите во културата растат за 12 проценти. За жал, две недели подоцна тоа сè уште се нема случено и ние сме загрижени дека мерењето на политичката сила на грбот на овие работници е неприфатливо и не смее да се случи во едно демократско општество. Се разбира дека ССМ во изминатиот период покажа дека нема да молчиме и покрај сите притисоци што ги добиваме и ние во ССМ, меѓутоа и синдикатите“,
рече Трендафилов на денешната заедничка прес-конференција со Синдикатот на културните работници.
Трендафилов најави дека протестите ќе продолжат сè до исполнување на нивните барања и рече дека е недозволиво ова да се случува на 15 дена пред избори.
„Не бараме преку леб погача, бараме плата, а платата веќе сме си ја изработиле, а ја работиме и новата плата за месецот која треба да ја добиеме во месец мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено 15 дена пред избори. Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не нè плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне, во текот на утрешниот ден започнуваат протестите“,
додаде Трендафилов.
Од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) најавија дека денеска ќе имаат вонредна седница на Советот, на која ќе се одлучува за натамошните чекори поради доцнењето на мартовската плата за околу три илјади вработени во дејноста култура.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека веројатно ќе донесат одлука за протест, иако е период на избори, а ако проблемот се продлабочи, рече, веројатно ќе донесат одлука и за генерален штрајк во установите од културата.
Според него, веројатно Министерството за култура и не направило соодветен план за користење на средствата и, како што рече, „веројатно од таа причина Министерството за финансии не одобрува зголемени плати за над 12 проценти, толку колку што е зголемувањето на минималната плата во оваа година“.
Посочи дека имаат поведено и судски постапки во врска со промена на решенијата издадени од установите за култура, со цел, рече, „да не се случи ова што се случи со мартовската плата“.
Претседателот на оваа синдикална организација рече дека СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор за дејноста култура и ова е прв чекор со кој реагираат и го изразуваат незадоволството.