Почнува летното сметање на времето
30 март 2024Овој викенд почнува летно сметање на времето - во Германија и во повеќето европски земји стрелките на часовниците на 31 март ќе се поместат од 2 на 3 часот наутро. Целта на мерката, која беше повторно воведена во 1980 година, беше подобро да се искористи дневната светлина.
За значењето и целта на мерката се дебатира со години. Анкетите често покажуваат дека мнозинството граѓани се против промената на времето. Во 2018 година, Европската Комисија ги анкетираше граѓаните низ Европа околу ова прашање. Нерепрезентативното истражување покажа дека 84 отсто од испитаниците беа против промената. За да го укинат, земјите од ЕУ треба претходно да се договорат дали сакаат трајно летно или трајно зимско сметање на времето. Бидејќи за ова нема договор, прашањето е во мирување. Актуелното белгиско претседателство со Советот на ЕУ, исто така не сака да се занимава со ова прашање.
Во Германија, одговорен за времето е Физичко-техничкиот сојузен институт (ПТБ) во Брауншвајг. Неговите експерти, преку предавател со долги бранови наречен „DCF77" во Мајнфлинген, во близина на Франкфурт, се грижат за тоа часовниците контролирани преку радио предаватели, часовниците на железничките станици и многу индустриски часовници да се „снабдени“ со законското време.
За оние на кои промената на времето им е премногу комплицирана и кои поради тоа постојано негодуваат, експертите за време им советуваат да погледнат како стоеле работите пред околу еден век, кога имало многу чудни прописи. На страницата со информации на ПТБ на интернет е опишан примерот на патување во 1928 година. Тогаш за од Германија да се стигне на Олимпијадата во Амстердам требало стрелките на часовниците да се поместат за 20 минути. Патување во Холандија во зима, пак, во тоа време значело враќање на часовникот за 40 минути.