Цените на нафтата под 90 долари

Цените на нафтата се стабилизираа под нивото од 90 долари во вторникот, бидејќи преовладуваше довербата кај трговците дека конфликтот на Блискиот исток нема да ескалира наскоро, намалувајќи ја загриженоста за снабдувањето.

На лондонскиот пазар во попладневното тргување цената на барелот за испорака во јуни беше за 33 центи пониска од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 89,79 долари. Речиси за исто толку падна и цената на барелот за испорака во мај на американскиот пазар и се лизна на 85,09 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во понеделникот поевтинил за 1,20 долари на 89,57 долари.

Трговците внимателно ја следат ситуацијата на Блискиот исток, стравувајќи од ескалација на конфликтот што ќе го загрози снабдувањето.

Иран го изведе својот одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во сириската престолнина и испрати стотици беспилотни летала и проектили во Израел минатиот викенд. Техеран рече дека смета дека одговорот е завршен, а американскиот претседател Џо Бајден му рекол на Тел Авив дека нема да учествува во евентуална израелска одмазда.

Инвеститорите заклучија дека конфликтот веројатно нема да ескалира наскоро.

„Цените се стабилни бидејќи ризикот од снабдување слабее и шансите за воен одговор од страна на Израел се намалуваат од ден на ден“, го објасни расположението на пазарот Хорхе Леон од „Rystad Energy“ предупредувајќи дека, сепак, ситуацијата е многу напната и дека е тешко да се предвидат следните потези.

„За цената на нафтата да се приближи до клучното ниво од 100 долари, неопходно е големо нарушување во производството, снабдувањето или транспортот. Во моментов, се чини дека тоа нема да се случи“, додава Тамаш Варга од PVM.

Истовремено трговците проценуваат дека американската централна банка веројатно нема да брза да ги намали каматните стапки, особено откако продажбата на мало порасна посилно од очекуваното во март. Повисоките трошоци за задолжување ја кочат економската активност и побарувачката за енергетски производи.

„Актот за балансирање меѓу тврдоглавата инфлација, неодлучната Fed и постепеното движење кон регионален конфликт ги одржува цените на нафтата… во одреден опсег“, заклучува Варга.