Управен суд: Неоснована е тужбата на АСЈО за одлуката на ДКСК – прием на слушатели по изборите

223

Управниот суд ја отфрли како неоснована тужбата на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев“ против Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако во петокот ДКСК расправаше по втор пат и одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите. 

Во петокот Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) расправаше по втор пат и одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите.

На судењето од Академијата посочија дека одлуката на ДКСК на начинот на којшто ќе се изврши селекцијата на слушатели кои треба да бидат идни судии и јавни обвинители истакнувајќи дека процесот нема карактер на работен однос, туку на приемен испит.

„За истата правна работа Државната комисија за спречување на корупцијата одлучува по втор пат. Тужителот е дел од судската власт, која не е опфатена со Изборниот законик, следствено на заклучокот на Судскиот совет за водење на постапки за избор и именување и разрешување на членови на Судскиот совет и на судии. Поради тоа, сметаме дека ДКСК со својата одлука е фокусирана на начинот на којшто ќе се изврши селекција на слушателите кои треба да бидат идни судии и јавни обвинители. Процесот кој се води пред тужителот нема карактер на работен однос, туку на приемен испит“, посочи директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска.

Процесите кои се однесуваат во рамки на правосудството, според АСЈО, мора да се автономни и институционално независни, бидејќи во спротивно би се огледал потенцијален притисок на политиката врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судската власт во државата.

„Во оваа смисла, постои значителна меѓународна регулатива, која инстистира на овој принцип на немешање во судската власт и која се разбира важи и за нашата држава. Пример се основните принципи на Обединетите нации за независноста на правосудството“, посочија од АСЈО.

Од ДКСК цврсто стојат зад аргументите кои ги достави до судот како одговор на тужбата од страна на Академијата. Одлуката на ДКСК се заснова на тоа дека сепак станува збор за стекнување на работен однос, за кој слушателот склучува договор за вработување на определено работно време и во периодот од две години прима плата, како и надоместоци на плата и ги ужива сите права и обврски засновани на работен однос, согласно Законот за Академија.

Поради злоупотреби од страна на државните органи, органите на државната управа, јавните установи, органи и организации со јавни овластувања, во 2020 година беа донесени измени во Изборниот законик, каде додаде нова точка која дефинира што претставува „итни и неодложни работи“.

„Под оваа дефиниција како Државна комисија не можеме да ги подведеме вработувањата на слушателите на почетна обука“, велат од ДКСК.

Во завршните зборови, од Академијата за судии и јавни обвинители истакнаа дека не станува збор за нови вработувања кои ги опфаќа Законот за спречување на корупцијата, кој спречува вработување за време на изборен процес, како и тоа дека постапката за прием на слушатели е започната на 30 јануари 2023 година. Укажаа на фактот дека тие не ги познаваат идентитетите на лицата кои би биле вработени, како и тоа дека дополнително им претстои приемен испит.

Одлуката на Управниот суд вечерва ја искоментира и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски кој подолго време ја коментира оваа тема. „Тажна вест за Кренар Лога, Викторија Мадиќ, Габер Дамјановска и Џелал Бајрами“,напиша тој на својот фејсбук-профил.