Македонија
Николоски: Пендаровски е свесен дека го чека огромен пораз и затоа навредува, не одговори каков е тој чесен претседател чија кампања е финансирана со народни крадени пари
Пендаровски навредува на најнизок можен начин и тоа покажува во какво бунило е и е свесен дека поразот ќе биде огромен. Пендаровски не одговори на ниедно од прашањата кои му ги поставуваме. Сака да се претставува како чесна личност, а е најдволичниот човек кој се занимава со политика, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во ИЕ4, Александар Николоски на митингот во Гевгелија.
Николоски истакна дека веќе сме скоро на недела дена до гласањето, а Пендаровски не одговори на три клучни прашања.
– Прво каков е тој чесен човек кој потпишува измени на кривичен законик со кој се амнестира високиот криминал и корупција во Македонија? Второ каков е тој чесен претседател кој збор нема кажано за ниедна афера на СДС и ДУИ, а особено на ДУИ? Трето каков е тој чесен претседател кој прифаќа кампањата да му биде финансирани со народни крадени пари? – вели Николоски.
Николоски нагласи дека Пендаровски исто така должи одговор и на цела јавност што стори изминативе 5 години, по што ќе го паметиме освен распродавање на македонските национални интереси?
– Дали успеа да ја претстави Македонија добро надвор? Дали се бореше Македонија внатре? Дали бараше повеќе ред и правда, дали влијаеше во судскиот и обвинителскиот совет да има владеење на право или можеби донесе странски инвеститор? Одговорот сите го знаете, тоа е едно големо Не. Исто и СДС и ДУИ со прст не мрднаа, камен немаат ставено, во Гевгелија не може да видиме една работа која ја имаат направено, рече Николоски.
Додаде дека затоа во корона кризата истиот кој е носител на СДС во ИЕ 4, Венко Филипче беше министер за здравство и исто како сега ангажираше пиар агенции да му водат личен пиар и да го промовираат во јавноста не дојде ниеднаш во Гевгелија да се соочи со суровата реалност, а тоа е дека 131 човек го загубија животот во тие две години на пандемија на корона, додека тој водеше лична промоција.
– Тоа го нема во ливчињата кои ги добива од агенцијата Рејтинг за која плаќа по 100 евра од текст во медиумите кои објавуваат за Филипче. Пред некој ден имаше 18 текста, тоа за еден ден е 1800 евра. Тоа не се негови пари, тоа се ваши пари кои ги искрадоа во годините наназад. Затоа не треба никому да е чудно што македонското здрваство е на историски најниско ниво, а прв пат се случува 400 млади лекари на специјализација да излезат на протест и никој не сака да ги слушне, изјави Николоски.
Николоски посочи дека Филипче не одговори која е неговата улога во случајот со Онкологија и семејството Пановски каде терапија не беше давана на болни од карцином, до денес, како што вели, не одговори колкава е провизијата која ја зеде од компанијата „Стабри“ регистрирана за трговија со јужно овошје за вакцините кои никогаш не стигнаа во Македонија па мораше македонските граѓани да одат во Србија и Бугарија.
Не одговори, како што рече, ниту каква е неговата улога за притисокот на сопственик на приватна болница да ја продаде на бизнисмен од Гевгелија или најболната, за пожарот во модуларната во Тетово каде 14 луѓе го изгубија животот. На ова ќе мора да се даде одговор, изјави Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.