Не може да се обезбеди континуирана контрола поради недостиг на полицајци

338

На средбата на „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ со началникот на СВР Скопје во врска со безбедноста во општина Карпош било речено дека постои голем недостиг на полициски службеници, посебно оние кои треба да одат на терен, а полициските станици работат со капацитет од 30 до 40 % од потребниот. Воедно, било нагласено дека системот на камери сѐ уште не функционира во целост и засега тоа не е опција преку која би можело да се казнат прекршителите. Тие поставиле повеќе прашања во однос на теми кои ги засегаат граѓаните на општината, меѓу кои: безбедност во сообраќајот, околу градинките и училиштата, комуналниот ред, бучавост, палењето на отпад и диви депонии

 

Постои голем недостиг на полициски службеници, посебно оние кои треба да одат на терен, а полициските станици работат со капацитет од 30 до 40 % од потребниот, било речено на средбата на „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ со началникот на СВР Скопје во врска со безбедноста во општина Карпош.

Тие поставиле повеќе прашања во однос на теми кои ги засегаат граѓаните на општината, меѓу кои: безбедност во сообраќајот, околу градинките и училиштата, комуналниот ред, бучавост, палењето на отпад и диви депонии.

Независни за Карпош – За заштита на Карпош информираат дека во однос на безбедноста во сообраќајот им било кажано дека треба да се пријавува во моментот на секое дивеење по улиците (посебно бил нагласен булеварот  „Партизански одреди“) на дежурните броеви, и дека полицијата веднаш ќе реагира, но не може да обезбеди континуирана контрола поради недостиг на луѓе.

Воедно, било нагласено дека системот на камери сѐ уште не функционира во целост и засега тоа не е опција преку која би можело да се казнат прекршителите.

-Во однос на дивеењето спомнато и од градоначалникот на Општина Карпош, од дел од Роми кај Злокуќани, ни беше кажано дека секоја пријава ќе се процесуира , но мора да има пријава. А до нив не е стасана пријава во овој период – потенцираат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Што се однесува до дивите депонии, бидејќи е кривично дело, од СВР Скопје било наведено оти е пожелно секој кој ќе се најде во момент на такво дело да направи снимки, и во тој случај снимките ќе се користат како доказ, што не е случај за сообраќајните прекршоци.

За комуналните прекршоци, пак било споменато дека е потребно да има полицаец на лице место за да биде казнето делото, нешто за што, како што велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ ќе инсистираат понатаму да се реши преку комунални инспектори од Општина Карпош.

Исто така, било разговарано и за бучавоста предизвикана од угостителските објекти, како и од возилата.

– Во однос на бучавата повторно одговорни се инспекциските служби на општината, секако доколку не е во период во кој се третира како нарушување на јавниот ред и мир. Мерењето на бучавост мора да биде иницирано од инспекциските служби. Ова е момент за кој ќе мора да се бара да се направат измени во начинот на мерење на бучавоста, но засега , докажување на истото е скоро невозможно – наведуваат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

За автомобилите, сообраќајната полиција објаснила дека има право да запре возило за кое претпоставува дека е загадувач или создава зголемена бучавост, но не и да го казни, туку само да го испрати на вонреден технички преглед.

-Иако нѐ уверуваа дека важиме за една од најбезбедни општини, сообраќајките, три на „Партизанска“ во рок од десетина дена не укажуваат на тоа. Во таа насока бевме и советувани да, преку Советот доставиме претставка до ПС „Карпош“ за сите моменти кои сметаме дека ја нарушуваат безбедноста, поткрепени со факти и изјави – велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ .

Барањето  за пешачки семафор кај „Антико“ не било стигнато до СВР Скопје, а началникот укажал дека закочувањето на истото е веројатно во Секторот за сообраќај на Град Скопје.

Следна задача како што велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ е да се провери што се случува со барањето во Градот.

(А.П.)