Чави останува тренер на Барселона до летото 2025-та

Тренерот на Барселона, 44-годишниот Чави Ернандез, кој во јануари најави заминување на крајот од сезоната, сепак ќе остане во клубот до истекот на неговиот договор на 30-ти јуни 2025 година, изјави во средата вечерта претставник на клубот.

„Претседателот Жоан Лапорта утре ќе ги објасни причините зошто тренерот ќе остане во согласност со актуелниот договор“, изјавил функционерот за хрватската новинска агенција Hina, барајќи анонимност.

На 27-ми јануари, по поразот на домашен терен од Виљареал со 3:5, Чави изјави дека ќе поднесе оставка во јуни.

Во средата, бордот на Барселона одржал состанок на кој разговараше за актуелните работи во клубот, а потоа спортскиот директор Деко се сретна со Чави во центарот на клубот.

Чави, поранешниот играч од средниот ред на Каталонската гордост, седна на клупата во ноември 2021 година. Минатата сезона со Барселона го освои шпанското првенство, но оваа сезона не му оди најдобро.

Во неделата Барселона загуби со 2:3 на конроверзното гостување кај Реал Мадрид со гол во судиското надополнување. Поради ова заостануваат 11 бода зад „Кралскиот клуб“, а до крајот на сезоната има уште шест кола.

Барселона минатата седмица беше елиминирана во четврт-финалето на Лигата на шампионите од француски ПСЖ, а претходно не успеа да го освои ниту шпанскиот куп, ниту националниот Суперкуп.