И туризмот треба да биде одржлив, потребни се мерки заштита на природните и културните добра


Фото: Б. Грданоски

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот денеска порача дека одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост.

Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите, велат од АППТ.

Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.

Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).

Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.

„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија

„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.

„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“

„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции”. изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.