5 причини зошто е време да ги фрлите учебниците и да се фатите за компјутерите!

Во денешно време е потребно, дури и неопходно децата да не се држат до конвенционалните методи на учење. Училницата и монотониот глас на наставникот мора да бидат надополнети со „послеучилишни“ методи на истражување. 

Веќе направивме една листа на интересни подкасти од кои можете да научите повеќе отколку од класичното училиште.

Како да очекувате од еден родител во нашата средина да му каже на своето дете: „Учи дете зашто без добри оценки нема успех во животот“ кога таа парадигма не само што е грешна, туку е и штетна. Зошто? Од повеќе причини.

  1. Живееме во општество во кое не се вреднува иновативноста и креативноста, туку „преџваканите“ и испробани идеи од други кои се реплицираат и пренесуваат во нашата средина како формула за успех.
  2. Добрите оценки и добрите ученици не секогаш нужно поминуваат добро во нашата средина. Познат е примерот со детето (Дамјан Давков) кое не добило награда затоа што било „пренапредно“! Институциите се глуви, а нивните канцеларии се повеќе собиралиште на трач муабети, пајажини и фикуси, отколку на напредни идеи.
  3. Приватните факултети се многу, дипломите практично се „купуваат“, а во нашата средина не е чудно да сретнете неписмен доктор на науки кој се смее на вашата љубов кон книгите.
  4. Независно од нашата средина, дури и во светски рамки, се повеќе се вреднува знаењето и вештината, отколку дипломите. Со зборовите на пророкот на модерниот свет Илон Маск „НЕ ми е гајле за твојата диплома!“ или со други зборови „покажи ми што знаеш!“
  5. Платформите на интернет за заработка со различни компјутерски вештини се отворени за сите луѓе од светот. Нив не ги интересира дали сте од „провинција“ или дали дедо ви бил овчар, каква „кола“ возите и какви патики имате. Всушност единственото што ги интересира е дали имате да понудите нешто интересно. Тоа може да биде производ, но и услуга. Се што ви треба се три нешта: знаење на англискиот јазик, познавање на социјалните медиуми и вештина во ракување со компјутерската алатка која ќе ја користите.

За среќа таа алатка не е миксер, молерска четка или хилта, туку компјутерска програма, независно дали е Blender, Ibis PaintX или Maya3D за вас има место на светскиот пазар.

Последниот аргумент ги надјакнува сите горенаведени недостатоци на нашата средина. Вие, со ниските примања во нашата средина, сте високо-ценета „роба“ на пазарот на светскиот труд – затоа фрлете книгите и фатете се за компјутерските алатки!

Прашањето е: дали е време за радикални реформи во процесот на учењето или едноставно да заборавиме на оценките и да се посветиме на сопственото „Гугл“ образование и стекнување компјутерски вештини.

Одговорот е: оставете ги другите да се преправаат дека прават реформи, а вие фокусирајте се на вашето лично усовршување и образование!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *