Breaking News

Гроси по посетата на Иран: Моменталната ситуација е апсолутно незадоволителна, речиси сме во ќорсокак


Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси по пристигнувањето во Виена, по дводневната посета на Иран, изјави дека моменталната ситуација е незадоволителна и дека соработката е сведена на минимум и покрај тоа што Техеран ја унапредува својата нуклеарна програма.


Обраќајќи им се на новинарите на аеродромот во Виена, тој го повика Иран да „испорача конкретни резултати што е можно поскоро“. „Сегашната ситуација е апсолутно незадоволителна.


Ние сме речиси во ќорсокак и тоа мора да се промени“, рече тој.

Иран, по неуспехот на нуклеарниот договор од 2015 година со западните сили, го започна процесот на збогатување ураниум и се верува дека официјален Техеран има акумулирано доволно збогатен ураниум за да изгради атомско оружје.


Според првичниот нуклеарен договор, на Иран му беше дозволено да збогатува ураниум до 3,67 проценти чистота, да одржува резерви на ураниум од 300 килограми и да користи само основни центрифуги за збогатување ИР-1, во замена за укинување на економските санкции.

Инспекторите на ОН имаа задача да ја следат програмата.


Во 2018 година, тогашниот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот, велејќи дека ќе преговара за подобар договор, но тоа не се случи.

Иран почна да ги крши условите од договорот една година подоцна. паг/Фото: МИА архива  .


Извор: МИА