Ханија во Техеран: Резолуцијата на ОН за Газа е показател за политичка изолација на Израел без преседан


Лидерот на политичкото крило на палестинскиот Хамас, Исмаил Ханија, денеска во Техеран изјави дека усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на прекин на огнот во Појасот Газа е показател за „политичка изолација на Израел без преседан“.


„Иако пристигна со задоцнување и можеби има некои празнини што треба да се пополнат, резолуцијата покажува дека израелската окупација доживува политичка изолација без преседан“, рече палестинскиот лидер по средбата со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан.


Ханије рече дека гласањето во Советот за безбедност на ОН покажало дека „Соединетите Американски Држави не се во можност да ја наметнат својата волја на меѓународната заедница“.

Според него, „ционистичкиот ентитет не успеал да постигне ниту една од своите воени или стратешки цели“ по речиси шест месеци војна. Иранскиот министер за надворешни работи не даде изјава по средбата.


рп/Фото: МИА архива .

Извор: МИА