„Ова се генијални, генијални музичари. Бескрајно благодарам на соработката со Македонскиот центар, благодарам што овие прекрасни музичари вечерва свиреа во нашиот град“, изјави Бесим Петрела, директор на „Albania jazz fest“, возбуден од настапот на нашиот ,,Национален џез- оркестар“ пред тиранската публика во неделата.

Нивниот настап на „Аlbania jazz fest“ се одржа во преполната сала на Академијата за уметност во Тирана, а публиката ги испрати со неколкуминутен аплауз и два пати бараше музичарите да се вратат на сцена.

Ова беше прво претставување на „Националниот џез-оркестар“, надвор од Македонија, кое предизвика бура од воодушевување. Оркестарот на својот репертоар има различни стилови, почнувајќи од класичен џез, преку свинг, би бап, па сè до композиции од „Леб и сол“.

„Нивниот настап на ‘Аlbania jazz fest’ ја покажа и сета смисла на нивното формирање и работа. Родена е една нова генерација млади музичари, кои суверено владеат со сцената, со своите инструменти и музиката. Свират со неверојатна леснотија, духовито и мајсторски. На моменти ви се чини како да се наоѓате пред оркестар кој постои десетици години, иако од неговото формирање до денес, нема поминато ниту една година“, се реакциите по настапот во Тирана.

Инаку, Македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, за 16 мај најавува и претставување на „Џамбо Агушеви оркестарот“ на фестивалот „Clouds“ во главниот град на Албанија.

Фото: Герта Кордали